Извесен Пол Хоџкинс од Тампа, Флорида, вчера беше осуден на осум месеци затвор за неговата улога во бунтот од 6 јануари годинава во Вашингтон, иако обвинителството побара казна од 18 месеци. Хоџкинс се изјасни за виновен за попречување на службената постапка, откако влегол во салата на американскиот Сенат за време на нападот врз американскиот Капитол.
Тој беше снимен облечен во маица „Трамп 2020“, со знаме на рамото и наочари околу вратот, и беше виден како прави селфи со самоопишаниот „шаман“ во шлем со рог и други бунтовници зад него. Хоџкинс е првиот бунтовник осуден за злосторничко дело во врска со нападот, во кој стотици приврзаници на Трамп упаднаа во Капитол, откако им беа изнесени лаги за изборни измами кои го предизвикаа поразот на Трамп од Џо Бајден. За учество во немирите, за време на кои починаа и пет лица, обвинети се над 570 лица.
Е, ова се случува во најразвиената земја во светот и лулката на светската демократија, САД. Хоџкинс ја признал вината, но тој од страна на обвинителството не бил обвинет за тероризам.
А, токму обвинителката Вилма Русковска во своите завршни зборови од 1 јули годинава, на судењето на првично наречените „организатори на настаните од 27 април“- Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски – се обиде да види многу сличности меѓу двата настана.
-Кога ги гледав настаните во САД и упадот во Конгресот има многу допирни точки со настаните од 27 април кај нас. Републиканецот Мајк Пенс застана во одбрана на Уставот и пред влегувањето на масата во Конгресот, сите вработени и конгресмени беа евакуирани. За разлика од него, на тогашниот претседавач, сега обвинет Трајко Вељановски, единствената грижа му беше неговиот кабинет и неговото столче, изјави меѓу другото Русковска, читајќи потоа СМС порака од Трајковски и додавајќи дека „не може да стане збор оти обвинетите биле изманипулирани, ама се фрлиле на една карта, да се спречи изборот на претседател на Собранието“.
Ваквиот обид на Русковска за споредба на двата настана како меур од сапуница ја разби одбраната на Спиро Ристовски, адвокатот Гоце Ристевски. Во своите завршни зборови Ристевски, меѓу другото забележа дека ако малку се потрудела Русковска ќе успеала да пронајде, на пример, што за настаните во Капитол пишувал угледниот „Фајненшл тајмс“.
-Шести јануари е прогласен за црн ден на Америка и американската демократија. Оттогаш до денес од страна на канцеларијата на јавниот обвинител на САД за Дистриктот Колумбија има обвинение против повеќе од 535 лица, од кои 490 лица се обвинети за влегување и останување во федералната зграда или простории, речиси 235 лица се обвинети за попречување, влијание или спречување на службеник при постапка или обид за тоа, а најмалку 165 се обвинети за напад, отпор или попречување на службеници или вработени. Но, замислете, ниту еден не е обвинет за тероризам, терористичко загрозување на уставниот поредок или државен удар, ниту пак има обвинение за организатор на упадот, ниту пак за организаторот на протестите под слоганот „Спасете ја Америка“. Но, парадоксално на ова, во еден „парадоксален универзум“, во Македонија, на ден 27.04.2017 година се случи еден исклучително немил настан, насилен упад во Собранието на РСМ од страна на толпа невооружен народ, каде за среќа нема загинато ни едно лице, штетите предизвикани во Собранието се далеку од значителни, и најважно од се, изборот на претседател на Собранието не е спречен и истиот е избран тој ден. За разлика од Јавното обвинителство на САД, нашето Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција оцени дека со овој настан е сторено „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, дури оформил предмет против наводни организатори на упадот во Собранието, кој пред очите на јавноста се случи сосема спонтано, исто како и оној во Америка. И во лулката на демократијата-Америка, со востановен правосуден систем, кој е пример во целиот свет, надлежните органи оценија дека нема простор за лицата инволвирани во упадот во Конгресот на САД да се гонат за тероризам или терористичко загрозување на уставниот поредок, ниту пак организаторот на протестите и повикувачот на упадот, Доналд Трамп, не е обвинет како наводен организатор, но затоа Спиро Ристовски, тогашен заменик-министер за образование во РСМ е обвинет за тероризам, за организатор на настаните поврзани со упадот во Собранието, за организирање на протестите и наводно спречување на избор на претседател на Собранието, од страна на почитуваното надлежно Јавно обвинителство, изјави адвокатот Ристевски.
За вториот предмет поврзан со настаните од 27 април, Судот треба да ја објави пресудата на 26 јули.
На првото судење за истите настани, пак, обвинетите, кои не побараа или побараа, но не беа аболицирани, добија затворски казни од над 200 години.
Очигледно, „мала и незначителна“ е разликата меѓу правосудниот систем на Македонија и тој во најразвиената демократска држава во светот-САД.
Comments are closed for this post.