Дали дедото на дедото на поранешниот претседател и премиер на државата и идеолошки татко на владејачкиот СДСМ, Бранко Црвенковски, и дедото на дедото на актуелниот премиер на Република Македонија и лидер на истиот, владејачки СДСМ зборувале на ист јазик?! На кој јазик, пак, зборувал дедото на дедото на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски?!
Оваа дилема се наметна по последниот развој на настаните поврзани со второто бугарско вето околу закочениот пат на Македонија кон членството во Европската унија.
Реплицирајќи му на бившиот бугарски претседател Росен Плевнелиев, Црвенковски, парафразирирано, од Сараево му порача дека Бугарија сака со моќта на ветото и членството во ЕУ да го оствари тоа што не успеала да го оствари со воени средства за време на Втората светска војна. И што е уште поважно, на чист македонски јазик му возврати дека пет негови генерации, до дедото на неговиот дедо зборувале на македонски јазик.
Вакво нешто од актуелниот премиер Зоран Заев, за жал, не слушнавме, иако со години се колне и има сериозни проблеми со вистината со неговата „македонска жица“. Зашто, додека го дишеше овој македонски воздух, нели, немаше да дозволи промена на името на државата и на Уставот. Сега дал зелено светло на португалскиот предлог двете земји, Македонија и Бугарија, со унилатерални изјави да потврдат дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година, односно дека македонскиот јазик не постоел до 1944 година.
Од Пендаровски допрва чекаме да каже на кој јазик зборувал дедото на неговиот дедо. Ако воопшто се осмели, иако со години му беше советник за национална бзебедност на Црвенковски. Можеби ќе се воздржи и строго ќе се придржува на вицот од времето на Живков кога припадноста кон Истокот или кон Западот за време на студената војна ја сведе на познатата сентенца „и там сме е*ани, и вам сме е*ани“?
Дедото на дедото на Црвенковски најверојатно потекнувал од славна Дебрца, а дедото на дедото на Заев најверојатно од Муртино. Дедото на дедото, пак, на Пендаровски најверојатно од Галичник.
Ако се врати филмот само неколку месеци наназад, може да се заклучи дека португалскиот предлог за јазикот, всушност, во многу наликува на еден од предлозите на лидерот на ВМРО-Народна партија и прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски. За потсетување, Георгиевски по престојот во Софија, во февруари годинава излезе со пет предлози за подобрување на односите меѓу двете земји од кои тој за јазикот (и за нацијата) гласеше-„бугарскиот парламент да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 година и дека Бугарија со ништо не ги прифаќа тезите за кои смета дека се фалсификат и ја поддржува бугарската историографија во одбрана на својата вистина“.
Очигледно, и во предлогот на Георгиевски и во португалскиот предлог нема точни датуми, туку се споменуваат само години. Од 2 Август 1944 до кодификацијата на македонскиот јазик поминале неколку месеци. И на кој јазик во тоа меѓувреме комуницирале луѓето на овој простор? Или воопшто не комуницирале, туку мумлале?
А, документите на Комунистичката партија на Македонија од почетокот на востанието во 1941 година, во текот на војната, особено Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, па до АСНОМ и по него, до кодификацијата на македонскиот јазик, на кој јазик и на кое писмо биле пишувани?
Еве, на пример, само дел од Манифестот- „Што повеќе се приближујат до границите на Болгарија братските словенски руски армији и што појак е притисокот на народноослободителните востанички дружини на братскиот болгарски народ се повеќе се разјадуе болгарската клика и нејзините слуги сред редовите на македонскиот народ“.
До сега официјално не е обелоденето дали португалскиот предлог има одредба и за македонската нација и дали и тој ќе се решава на ист начин, со унилатерални изјави на двете држави. Иако во медиумите веќе отворено се пишува и говори и за предлог за решение за македонската нација.
На 23 јуни годинава, на прес-конференција, премиерот Заев меѓу другото изјави:
-Потврдуваме дека постојат луѓе коишто веруваат дека сме припадници на ист народ, како што има и многу луѓе кои веруваат дека сме два засебни и посебни народи. Прашањето за идентитетот и јазикот не го отворивме, Бугарија не ни го побара тоа.
Со што и каде Заев потврдил дека постојат луѓе коишто веруваат дека сме припадници на ист народ? Кои се и како се викаат тие многу луѓе, кои веруваат дека сме два засебни и посебни народи? Кои се и како се викаат тие малку луѓе, кои веруваат дека сме ист народ?
Конечно, како тоа Заев не ги отворил прашањата за јазикот и идентитетот кога според португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос Силва, Македонија прифатила со унилатерална изјава да го потврди предлогот за јазикот? Со идентитетот ќе треба да почекаме за да видиме што точно се случува.
Comments are closed for this post.