Премиерот Зоран Заев посочи дека и по повтореното вето, земјата ќе продолжи со напорите за надминување на блокадата од Софија, а следната реална можност кога ќе се одлучува за почеток на пристапните преговори со ЕУ ја очекува во декември на крајот од словенечкото претседателство, согласно праксата на Унијата, иако на 6 октомври е закажан самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ.
-Според мене, декември е следната одлука, иако на 6 октомври има закажано самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ. Но, изгорени сме неколку пати, и јас и нашиот народ, и не би ги кревал надежите за 6 октомври, затоа што нема логика, имајќи предвид дека ваквите одлуки Европскиот совет и Советот за општи работи ги носат на крајот на полугодието кога завршува претседавањето на одредена земја. Сега е Словенија од 1 јули и верувам дека Словенија исто така ќе покаже сериозен фокус по ова прашање. Јас реков, ние продолжуваме. Продолжуваме со напори, со обиди знаејќи до каде смееме и што е дозволиво за разговори, надевајќи се дека час поскоро ќе продолжи европеизацијата низ европските механизми, а тоа се поглавјата затоа што европеизацијата се случува секој ден во нашата земја и ние друга алтернатива од тоа немаме. Убеден сум дека низ поглавјата е тоа вистинското кое што треба да се случи и затоа ќе продолжиме да правиме и понатаму напори, но моите очекувања се декември оваа година, вели Заев.
Comments are closed for this post.