Министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ пристигнаа во Луксембург утрово за Советот за општи работи на кој сите очекуваат одлука за првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Повеќе министри упатија поддршка за Македонија и Албанија пред почетокот на состанокот и побараа да не се блокираат овие две земји со оглед на постигнатиот реформски напредок кој треба да биде награден.
Бугарија меѓутоа за сега не дава знаци дека ќе попушти и покрај португалскиот дипломатски обид за медијација, а повеќето земји членки не се подготвени да ги одвојат Скопје и Тирана во овој дел од процесот.
Словачкиот државен секретар во Министерството за надворешни работи и европски прашања, Мартин Клус, изјави дека за Словачка процесот на проширување е многу важен и посочи дека денеска ќе се бара начин да се деблокира патот кон ЕУ за Македонија и Албанија.
Со нетрпение очекувам позитивен одговор затоа што во прашање е кредибилитетот на ЕУ во регионот, кој е многу важен за Словачка – изјави Клус.
Германскиот државен секретар, Михаил Рот, ја повтори германската позиција дека билатералните прашања не смеат да го попречуваат процесот на проширување, додека Литванија оцени дека политика на проширување и напорите на земјите кандидати не смеат да бидат компромитирани.
Охрабрувачки пораки пристигнаа и од Ирска чиј министер нагласи дека очекува исчекор денеска во политиката на проширување.
Comments are closed for this post.