Во политиката нема случајности, зашто случајностите не се случуваат случајно. Ова старо, непишано правило никогаш не губи од својата актуелност, па така е и деновиве. Во рок од само нецели две недели во Софија престојуваа првите луѓе на државното обвинителство, а сега и првите луѓе на Уставниот суд. Штурите протоколарни соопштенија не можат во целост да ја отсликаат целата суштина на толку итниот и брз престој на двете делегации во Бугарија, дотолку повеќе што се сведуваат на меѓусебна институционална соработка и помош во евроинтегративниот пат токму во време кога меѓувладините делегации преговараат за надминување на недоразбирањата и укинување на бугарското вето за Македонија.
Но, ако внимателно се читаат медиумите од двете страни на границата, повеќе од евидентно станува дека потпишаниот Договор за соработка и пријателство и сосема погрешниот приод во неговата реализација се претвори повеќе во договор за минатото, отколку во договор за иднината. Бугарската страна целиот акцент го стави на историјата и членството во ЕУ се обиде да го материјализира со голи уцени за остварување територијални хегемонистички идеи и претензии, додека Македонија се најде во ситуација да ја брани државноста, националниот идентитет, историја, јазик, култура, традиција, обичаи, колективна меморија…
И во такви услови и околности стана сосема јасно дека работите ќе завршат во ќор-сокак. А, излезот од него макотрпно и упорно ќе мора да се бара.
Во декември, за време на германското претседателство со ЕУ, пред конечното вето на Бугарија, во јавноста се појави формулацијата, што требаше да биде еден вид компромис меѓу земјите-членки. Но, терминот „погрешно толкување на историјата“ наиде на отпор и меѓу самите сојузници.
Сега, пак, за време на португалското претседателство, во оптек е нов предлог, што за жал се уште е недостапен за домашната јавност. И во отсуство на целосна транспарентност, повторно работите како да не се поставени на прав пат. Од една страна, Бугарија уште веднаш го отфрли предлогот, а од друга, Македонија вели дека тој претставува добра основа за надминување на спорот. И освен власта, никој друг не знае ни што содржи, ни за што е добра основа! Во крајна линија, ако тој е веќе отфрлен од Софија, зошто воопшто се споменува?!
Нетранспарентноста на власта е најголемиот проблем во моментов и Македонија како да се губи во неа. Наместо да се седне заеднички на маса и да се градат национални и државни ставови, опозицијата се најде принудена да започне со секојдневни протести за обелоденување на содржината на португалскиот предлог или т.н.Патна карта, притоа обвинувајќи ја власта дека заткулисно целосно ги распродава националните интереси.
Изјавата на специјалниот владин претставник Владо Бучковски дека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е извор на лажни вести не придонесува за стабилизирање на состојбите. Напротив, само дополнително ги подгрева страстите. Зашто, таму каде што има чад, има и оган!
Засега, и претседателот Румен Радев, и техничката влада не даваат никакви знаци дека Бугарија ќе се откаже од ветото. За такво нешто бараат правни гаранции од Македонија дека тоа што ќе го предложи во т.н.Патна карта и ќе го оствари, настрана преземените обврски од Договорот за пријателство и соработка. И дали токму во тие правни гаранции може да се крие заднината на посетата на уставните судии на Софија?! Одговорот на ова прашање ќе виси извесно време, но и тој ќе излезе на површина, порано или подоцна.
Покрај португалскиот, Бугарија отворено одби и уште два други добронамерни предлога. Едниот за помош од меѓународно признати историчари, чисто околу методологијата за работа и надминување на недоразбирањата во мешовитата комисија за историски прашања и за учебниците. И вториот, за помош од европската дипломатија.
Но, индикативен е последниот, денешен коментар на одличниот познавач на состојбите Костадин Филипов за софиски „Труд“. Во својот текст, тој отворено го повикува премиерот Зоран Заев под итно да ја посети Софија и да се сретне со техничкиот премиер Стефан Јанев. Но, забележува дека по неговата изјава (на Заев) дека „целиот свет настанал од мајмуните, само ние, Македонците-од Бугарите“, не знае дали било кој бугарски премиер, претседател или министер за надворешни работи би седнал со него на маса. Па дури и неговиот доскорешен пријател Бојко Борисов!
Според сите оценки, овие две недели ќе бидат решавачки не само за укинување на бугарското вето, туку што е уште поважно, и за целата етногенеза на Македонците и нивната историја, култура, традиција, колективна меморија…
Comments are closed for this post.