Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест на три локации во Скопје и во 10 градови низ земјава, на кој побара увид во документот од преговорите со Бугарија. На протестот беше истакнато дека македонскиот идентитет, јазик и историја се поважни од се.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски го побара од премиерот Зоран Заев „патоказот“ за решението на спорот со Бугарија.
– Блокираме поради една причина да кренеме свест да го кренеме својот глас за тоа што се случува во позадина, за тоа што Заев и Бучковски го договараат и преговараат, а македонската јавност не знае ништо за тоа, рече Мисајловски.
Тој нагласи дека се собираат на улиците со цел да го кренат гласот, за да се покаже „што стои на маса“, односно дали се преговара повторно за македонскиот идентитет, за нацијата, за културата за јазикот.
– Сите ние сме за Европската Унија, но има нешто што е поважно од се, а тоа Македонија, македонската држава, нацијата, граѓаните и се разбира идентитетот и јазикот. Затоа повикуваме, да не прават погребни чекори. Ако се транспарентна влада како што најавуваа нека излезат пред граѓаните да покажат што има во тој договор или патоказ, нагласи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека ќе излегуваат на протести и во следните денови, порачувајќи дека очекуваат власта да каже дали во нивната дипломатска мисија повторно се става идентитетот, јазикот културата на маса.
Претеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцински потенцираше дека вчера бугарскиот министер за надворешни работи изјавил дека бугарските позиции во овој спор се предвидливи и конзистентни.
– Тоа што е непредвидливо и неконзистентно и нема никаква транспарентност се позициите на Република Македонија. Потребно е граѓаните да знаат за што се преговара, политичката демагогија и флоскулите дека не се преговара за идентитетот и дека не се преговара за историјата или прашањата поврзани со националните малцинства, или прашањата поврзани со јазикот сме ги слушале и претходно. Слушавме дека нема да се преземат такви чекори во надворешната политика, но праксата на владата на СДСМ и ДУИ, посебно во тој однос е попустливост и откажување од тоа што се јавни декларирани заложби пред граѓаните на Република Македонија, рече Муцински.
Тој посочи дека доколку т.н. патоказ инкорпорира позиции кои се прифатливи за нашите граѓани, доколку тој не ги инкорпорира позициите на декларацијата од бугарското Собрание, тогаш веројатно не би требало да има страв од Владата да каже за што точно се преговара во овој процес.
– ВМРО-ДПМНЕ со поддршка на граѓаните и политички субјекти повикува на одговорност, на се поголема национална свест и да не се дозволи ново национално понижување кое стана пракса. Живееме во држава која е една од најкорумпираните во светот и дефинитивно најкорумпирана во Европа, живееме во држава каде граѓаните секој месец се се посиромашни и држава која е сведок на национални понижувања. Затоа е овој протест, не само во Скопје туку и во други градови ширум Македонија, и во таа насока ќе продолжиме и следните денови, порача Муцунски.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски посочи дека без никаква причина при демонстрациите кај Мавровка бил уапсен еден активист.
– Сега сакам да апелирам до полицијата, бидејќи направи еден срамен чин на кој еден млад човек кој излезе да го изрази револтот беше легнат од полицајците беше приведен со лисици уште го чуваат во станица. Ние разговаравме со надлежните што го обезбедуваат овој настан и јас им укажав дека тоа што го направиле е кривично дело затоа што не може да приведуваат граѓани кои не го прекршиле законот. Овој настан беше најавен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и ние кажавме дека уште пред два дена ќе ги блокираме 3 раскрсници во градот Скопје и уште во 9 градови во Република Македонија, наведе Сајкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вчера истакна дека од високи дипломатски извори, од Брисел, но и од официјална Софија дознале дека барањата коишто се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент практично ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија и од тој момент билатералниот проблем којшто ние го имаме со официјална Софија, сите оние проблеми коишто се содржани во Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент ќе бидат проблем којшто ќе го имаме ние со ЕУ, односно од билатерален проблем, тоа ќе прерасне во проблем помеѓу Македонија и ЕУ.
– Ова можеме да го спречиме само на еден начин, а тоа е јавноста со својата критика, а истовремено и народ на улиците, во рамките на тоа ВМРО-ДПМНЕ секој ден почнувајќи од утре ќе ги блокира на три места Скопје и десет градови во Македонија во периодот од 15 до 17 часот, се додека на јавноста не и биде покажан документот „Патоказ“ или како сакате наречете го, посочи вчера Мицковски
Comments are closed for this post.