Први јуни 2017-тата година беше формирана првата Влада со мандатар Зоран Заев. Точно е, имаше надеж кај народот за неговите ветувања. Но, по четири години, резултатот на сето ова е едно огромно разочарување. Никогаш не било лесно овие 30 години независност, но сега народот живее буквално најтешко.Оваа Влада ги сруши стандардите во политиката, ненормалното стана нормално, никој повеќе не очекува од Владата да решава проблеми, туку секојдневната борба е барем да не создава нови проблеми, истакна на денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одбележувајќи ја четиригодишнината од владеењето на СДСМ и Зоран Заев.
И најважно од тоа е, ако треба во кратки реченици да се опише ова четиригодишно владеење, би кажал имаме четири години украден живот, украдоа четири добри години од животот на секој еден граѓанин, ги празнат џебовите на народот, но ја крадат и правдата заменувајќи ја со неправда. Четири години хибриден режим на мафијата на власт. Триесетина луѓе високо во власта одлучуваат за судбините на два милиона луѓе. Тесна клика од триесетина силно криминализирани типови ја имаат запоседнато целата држава, но и самата СДСМ.
Рашковски кога толку многу го брани Заев не е причината за криминалот, тоа е последицата. А, имињата како Ден Дончев, Вице, Трајче, Ковачевски, Кирацовски, Николовски и другите чувари на криминалот во судството и обвинителството се само слугите на Заев во сомнежите за криминал и украдениот живот. Тоа што се случува во СДСМ е нивна работа. Но тоа што овие неколкумина го прават со државата е наша заедничка обврска да се спротивставиме.
Четири години точно, 1.461 ден одење наназад. Трговија со име, идентитет, историја, нација, светли херои, за возврат договор со Бугарија кој им дава право да не блокираат, одземена европска иднина и многу, многу криминал и неправда.
Еве во продолжение само дел од работите кои што ги ветуваа, а кои што можеби сме подзаборавиле, бидејќи од реализацијата нема ни трга, ни глас.
Во делот на економијата, почитувани пријатели, ветуваа раст од 5% на БДП секоја година. Каква е реалноста? Во периодот од четири години започнувајќи од 2017-тата завршувајќи со 2020-тата година, просечниот раст е 0.7% или точно за седум пати помалку од тоа што го ветуваа. БДП од периодот од први јануари 2018-тата година заклучно со 31 декември 2020-тата година се зголеми за скромни 700 милиони евра. Во тој период јавниот долг порасна за цела една милијарда 700 милиони евра. Што би се рекло дека од БДП се одземени точно ни повеќе, ни помалку, од една милијарда евра. А, во првиот квартал во оваа 2021 година долгот, јавниот долг е зголемен за дополнителни 700 милиони евра, или околу 6 ипол проценти од БДП кој што бил на крајот од 2020-тата година.
Ветуваа правичен даночен систем, воведоа скалест данок, мерката имаше катастрофални последици врз македонската економија и по бурната реакција во јавноста на претприемачите и бизнис заедницата, откако нанесоа штета од неколку десетици милиони евра врз стопанството, се одлучија повторно да се вратат на рамниот данок. Сега она кое што го слушаме се некако кризен, воен данок, скалест данок и што ли уште не ќе слушнеме само да биде полна буџетската каса за да можат апашите во владата предводена од СДСМ и Зоран Заев да ги трошат безмилосно народните пари.
Странските директни инвестиции ветуваа дека ќе бидат рекордери на Балканот, а каква е реалноста? Еве би сакал да ги споменам само бројките во оваа 2020 година која е позади нас. Директните странски инвестиции во Македонија изнесуваат ни повеќе ни помалку од 1,9 проценти од БДП, додека пак во соседството бројките се следни БиХ има странски директни инвестиции во 2020 година во вредност од 2,1 процент од БДП, Косово 4, Србија 4,8, Албанија 5,7, Црна Гора 11 проценти. Не само што не сме рекордери туку длабоко сме заковани на дното, а нема странски инвестиции затоа што оваа Влада е најкорумпираната во Европа, затоа што сме најкорумпираната држава според скалата на Транспаренси ние сме 111-то место, најлошото во историјата, најлошо во независна Македонија затоа што апаши ни ја водат државата.
Во делот на енергетиката ветуваа многу во програмата „За живот“, со која настапија на изборите во 2016 година, голем дел од тие проекти ги повторија во оној план за 5 милијарди евра инвестиции во 2019 година, ги препишаа за време на предвремените парламентарни избори во 2020 година, а дел од тие проекти ги слушнавме и на прес конференцијата на Зоран Заев каде вети нов инвестициски бран од, замислете, ни повеќе ни помалку 8 милијарди евра. По принципот на Фејсбук, Гугл, Фолксваген, претпоставувам и овие 8 милијарди евра ќе завршат само како бројка напишана на хартија, а за жал во реалноста ни трага ни глас. Да се вратиме во енергетиката, ветуваа пренамена на ТЕЦ Неготино во енергетско земјоделски комбинат, за волја на вистината и ова тогаш кога прв пат го прочитав со вчудоневидување се обидував неколку пати да го препрочитам да видам што значи. Но, како и тогаш што не успеав да разберам, така и денес не успевам да разберам што сакале да кажат. Но, што е важно, важно е дека од овој енергетско земјоделски комбинат нема ни трага ни глас 4 години потоа.
Ветуваа изградба на ХЕЦ Чебрене и Галиште, 4 години потоа имаме тендер со кој се бара партнер за јавно приватно партнерство и слушнавме на прес конференцијата на Зоран Заев дека само што не завршил тендерот и дека само што не бил избран партнерот што ќе се случело таму некаде октомври месец, трета година октомври месец го чекаме а изградбата ќе почнела таму некаде на пролет 2022 година. Само човек кој е тотално одлепен од реалноста може за една вака сложена хидроцентрала да даде таков рок затоа што тоа не само што не е возможно, туку и во спилберговата кинематографија не би му текнало дека ќе може за три месеци да се изгради ваков хидроенергетски комплекс како што се Чебрен и Галиште.
Но, на лагата на Зоран Заев и нема крај, па така денеска од Чебрен и Галиште 4 години потоа нема ни трага ни глас, а новиот партнер во ова јавно приватно партнерство треба да ја добие ни повеќе ни помалку, туку веќе изградената хидроцентрала Тиквеш којашто десетици илјади македонски семејства ги снабдува со евтин енергенс, евтина електрична енергија, по принципот на кој СДСМ во минатото се навикнати, а јас ќе ве потсетам на тој т.н бонбона бизнис од оној период кога тие беа на власт од 2002 до 2006 година.
Во програмата за живот ветуваат проекти за оптимално искористување на пелагонискиот басен за јаглен, потоа имплементација за најсовремени еколошки стандарди за ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, понатаму отворање на јагленокоп Поповјани, тоа е во Кичево каде што се наоѓаат уште два Чука и Гуштерица претпоставувам дека не слушнале за тие два јагленокопи. Понатаму ветуваа уште многу работи кои се поврзани со модернизација на термоцентралите Осломеј Кичево и РЕК Битола, и морам да признам дека најдоа најинвентивен пристап во инвестиција во овие објекти, а тоа е најавата да се стави клуч на истите и да се затворат. Тогаш сме го решиле и проблемот со загадувањето, и проблемот со јагленокопите, бидејќи најлесен начин ако сакате да не инвестирате е ставете клуч и тогаш никој нема никаков проблем никаква главоболка. Но, шегата настрана, апсолутно во овие 4 години шајка не заковаа во овие енергетски комбинати, напротив Македонија денеска бележи неславни рекорди, односно производството на електрична енергија е најмало во историјата на постоење на енергетскиот систем во нашата држава.
Понатаму би споменал неколку работи во здравството кои ги ветуваа. Како на пример, новиот Универзитетски клинички центар кој најпрвин требаше да биде во околината на населбата Бардовци, па откако видоа дека таму не бива работата, се одлучија за Велеполе во делот помеѓу Сарај и Ѓорче Петров, па му понудија на македонскиот народ и на пратениците во парламентот измени за јавни набавки каде што ќе им дозволиме на најкриминалната влада во Европа да потпишува договор во 4 очи за и помалку ни повеќе од вредност од 508 милиони евра без притоа да бидат опфатени имотно правни односи, без да бидат опфатени пристапните патишта, енергетското снабдување, канализација, водовод и што уште не. Да речеме за разлика од кај нас во Србија, клинички центар се гради за 4 пати помала сума во вредност од 125 милиони евра. Но ова е нели најкопумпираната и најкриминалната влада и од ден на ден се труди се повеќе да го потврди тој впечаток, не само за Транспаренси Интернешнл туку и за граѓаните. Кога крадат, крадат за сите пари.
Понатаму ветуваа во програмата „За живот“ во 2016 дека ќе изграделе Клинички центар во Битола. Не само што од овој клинички центар нема ни трага ни глас, туку и тоа што го наследија како што е мамографот, аксцелераторот не успеаја ни да го поправат. Понатаму ветуваа дека капитациониот бод за матичните доктори ќе биде 90 денари, а за жал тој е 63 денари, мајка ми која сега е во пензија беше таков матичен лекар во Поликлиниката Ѓорче Петров и оттаму имам одредени информации, луѓето никогаш потешко и понапуштено не се чувствуваат
Понатаму ветуваа дека ќе го зголемат капитациониот бод на матичните стоматолози од 45 на 70 денари, а факт е дека до 48 денари истиот не се помести. Ги излажа и матичните стоматолози. Потоа ветуваа дека ќе воведат матичен гинеколог за секоја жена во Македонија, ова ветување не е реализирано.
Но, што реализираа.
На шесто место сме според бројот на луѓето кои што го загубија својот живот поради неспособноста на нашата влада и КОВИД пандемијата. Рекордери сме на Балканот по бројот на лица кои што се заболени барем оние кои што се регистрирани бидејќи знам огромен број на лица кои што воопшто не се регистрирани а го поминаа, поради несоодветниот одговор на здравствените установи односно неможноста да се одговори останаа и го поминаа КОВИД вирусот во домашни услови. Неславни рекордери се според неинвестирањето во здравството за време на пандемија според Светска Банка сме убедливо на дното во регионот и во Европа.
Тоа се, за жал, неславни рекорди кои што не ги ветија, но за жал ги реализираа. Во образованието на пример ветуваа дека ќе постават механизам на конкурентност и евалуација во високото образование согласно критериумите на Шангајската листа и рангирање на Универзитетите со цел зголемување на квалитетот на високото образование. Факт е дека ниту е воспоставен ваков механизам а одборот за евалуација е формиран пред неколку месеци и не функционира, а државна евалуација не постои. Денеска нашиот најдобро пласиран Универзитет на Шангајската листа е универзитетот Св. Кирил и Методиј, кој што се наоѓа, верувале или не, на 1.917, значи не само што не е во првите 500, не само што не е во првите 1.000, не само што не е во првите 1.500, туку тој се наоѓа убедливо на дното според Шангајската ранг листа.
Од инфраструктурните објекти кои што ги ветуваа, а не ги реализираа, ќе ве потсетам на спортската академија која што велеа дека ќе се преструктуира и ќе се смести во новиот модерен спортски комплекс комплекс започнат да се гради во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а до ден денес тој е недовршен. Потоа, изградба на математичка и информатичка гимназија во Скопје ни трага ни глас, нов училишен објект во Визбегово, Бутел, нов училишен објект во Долно Блаце , Чучер – Сандево, нов училишен објект во Клуковец – Велес, нов училишен објект во Чаир, во Драчево, Кисела Вода итн.
Реконструкција на десетици и десетици училишта кои што за жал ниту трага ниту глас од ветеното за изградба или за нивна реконструкција.
Во културата на пример не можеме да се сетиме на ниту еден позначаен проект освен на она безмилосно трошење на народните пари преку оние скандалозни проекти за коишто имаше и министерски оставки во изминатите состави на владата. Но, ќе ве потсетам за дел од ветувањата на СДСМ во програмата за живот. Велеа вака, во културата ќе се насочеле кон вистинска заштита на културното богатство и културното наследство во Република Македонија. Одговорот на ова е почитувани не само што не го заштитија туку и го потиснаа и уништија посегајќи кон управата за заштита на културното наследство а она што го работат е копирање буквално на секој еден пасус на програмата на ВМРО-ДПМНЕ но добро е што ја користат, имаат што да научат, имаат нешто да направат добро за граѓаните но за жал освен бледа копија на терен испорака нема никаква.
Исто така во нивната програма на страна 115, ќе кажат напаѓајќи го политичкиот противник напаѓајќи го ВМРО-ДПМНЕ дека во културата власта тогашната власт извршила ревизија на вредносните системи според своите идеолошки стандарди па ќе речат дека тоа резултирало со рушење на темелните вредности за македонската национална култура. Каква е реалноста за жал СДСМ изврши рушење целосно исфрлајќи ја трајно придавката македонски од јавна употреба а националната култура ја замени со недефинирана јавна култура.
Понатаму, во културата исто така ќе прочитате во програмата „За живот“ каде што од СДСМ се обврзуваат и велат дека во странство ќе ја проширеле мрежата на лекторати за македонски јазик, литература и култура кои во изминатиот период беа затворени или занемарени. Ќе направеле оддржлив развој за учење на македонскиот јазик за децата во дијаспората. Каква е реалноста? Освен неколку прес-конференции за промоција на македонскиот јазик, нема апсолутно никаков видлив резултат. Од она што во јавноста е познато е дека македонскиот јазик со она што, претпоставувам сите ќе се сетите на оној срамен договор, официјалниот јазик на државата со новата придавка.
Во делот на транспортот и урбанизмот ќе ве потсетам на нивните епохални епски ветувања од типот 600 километри автопатишта и експресни патишта 550 километри магистрални и регионални, 1.000 километри локални патишта итн. Но, каква е реалноста? Автопатот од Скопје кон Блаце каде што првиот дел е ни помалце ни повеќе од два километри, цели четири години не се способни ниту да го тампонираат, а камо ли да го изградат. Кога зборуваме за автопатот Кичево – Охрид освен тоа што вредноста со анексите од 411 стигна до 800 милиони евра, буквално немаме никаква теренска активност, иако ќе го слушнете сегашниот Бочварски и претходникот негов Сугаревски како велат дека имало 600, 700, 800 работници, имало 300, 400 машини итн. Еве овој викенд баш патував по тој пат, бев во Охрид, имавме определена обука заедно со пратениците и навистина не можев да ги видам тие стотици машини, тие стотици работници по автопатот Кичево – Охрид.
Се сеќавам на една епохална лага на една ТВ дебата на тогашниот министер Сугарески, која што му ја кажа на професорот Славески мислам дека таа беше дебата во 2018-тата или 2019-тата година, кој што рече есента 2019-та ќе возиме по автопатот Кичево – Охрид. Но, за жал не само што не возиме по автопатот туку десетици човечки животи останаа за навек по оној стар, искршен, и руиниран пат кој што го користат македонските граѓани. А, нели сега ни доаѓа туристичката сезона, па повторно најдоа иновативен лек од Владата, наместо туристите кои што доаѓаат од кај нашиот северен сосед да ги ослободат за патарина кон Охрид, тие рекоа да не го гледаат срамот, да не ја гледаат бруката по тој пат што возат, па одлучија кон нашиот јужен сосед да ги ослободат со патарина.
Во делот на железничкиот транспорт, ќе ве потсетам повторно на она епохално нивно ветување, а тоа е Коридорот 8, односно изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Четири години грантови, фамозни прес конференции и така натаму, но вистината е дека германската компанија „Вибе“ ја напушти изградбата на овој коридор поради неисплатени обврски, во моментов воопшто нема никаков напредок.
Ќе ве потсетам на ветувањето од Програмата „За живот“ дека ќе се вози по брза пруга по делницата Табановце – Гевгелија. Четири години потоа, за жал ниту брза пруга видовме, ниту пак „Б“ од брза пруга. И така натаму, можам да редам уште многу, многу, буквално уште многу лаги кои што ги кажаа, и кои што практично ги презентираа пред граѓаните во таа 2016-та, 2017-та, 2019-та, 2020-та година, но освен украден живот буквално тие не успеаја да понудат ништо. Време е да заминат.
Сосема на крај почитувани присутни,
Секој ден со Заев како премиер нашата Македонија губи. Одговорност за смена на власта е најголема на опозицијата, и јас со таа одговорност заспивам и се будам, и ќе продолжам да се борам. Но воедно секој од вас треба да знае дека секој еден е важен во оваа борба за нашата Македонија. Од секој еден Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак и сите останати да ми простат што не ги наведов, е важна иднината на нашата Македонија.
Мафијата мора да биде на колена, поразена, и спроведена пред лицето на правдата. Четири години украден живот е најголемата причина зошто оваа Влада треба да си замине. Македонија нема повеќе за продавање и за губење. Четири години украден живот и велам доста е. Доста е, оставка е неминовна. Заминување на Заев и никогаш повеќе.
Comments are closed for this post.