Еве уште еден класичен пример за сторениот криминал во Еуростандард банка. Фирмата „Тео агро“ ДООЕЛ увоз-извоз има долг од 1,1 милион евра кон Еуростандард банка и не вратила ниту еден денар 589 дена или неполни две години. Долгот на фирмата датира од 2017 година, а заложената хипотека е работилница и стари помошни простории на поранешниот земјоделски комбинат „Лозар“ и столбна трафостаница на користење,  со проценета вредност од околу 370 илјади евра, се вели во денешното соопштение на здружението на оштетените штедачи од Еуродтандард банката Правда за штедачи.

„Фирмата е основана во јануари 2007 година со седиште во општина Чашка, со непаричен влог од 16,5 илјади евра и со дејност одгледување на посеви. Депонент е на Комерцијална банка. Се работи за микро фирма која имала 1 до 2 вработени. Сопственик на фирмата е Мустафа Ебипи.

Од увидот во билансите, фирмата била презадолжена последните години. Од 2014 до 2018 година имала долгови од 340 илјади до 1,5 милиони евра. Капиталот на фирмата бил негативен од 30 до 120 илјади евра. Од 2016 до 2018 година фирмата имала и загуби од 7 до 65 илјади евра. Задолженоста на фирмата последните години била постојано над 100 отсто, односно 115 отсто во 2018 година. Како резултат на лошото работење и акумулираните долгови, за фирмата е отворен стечај на 22 октомври 2019 година.

Како фирма која имала годишни приходи од 20 до 35 илјади евра во последните години, тогаш кога е земен кредитот, можела да добие милионски кредит во евра? Како раководството на банката одобрило кредит на фирма која не била ниту бонитетна ниту кредитоспособна да враќа пари, ниту имала какви било позитивни индикатори за одобрување на кредит? Фирмата е сега во стечај, а обезбедувањето коешто е заложено е далеку помало од проценетата вредност. Ниту објективно, ниту локациски, обезбедувањето не задоволува ниту 5 отсто од побарувањата и тој имот тешко и може да се продаде.

Како е можно да биде одобрен милионски кредит на фирма со вакви перформанси? Зошто бил даден кредитот и каде всушност завршиле нашите лични средства? Дали некој од надлежните истражни органи ќе поразговара со Мустафа Ебипи како го земал кредитот и каде завршиле парите? Дали некој ги прашал раководните лица од банката Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски да го објаснат нивното учество во овој организиран грабеж на нашите депозити?

Кога гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ќе одговори за оценката за кредитен ризик во овој случај и како банката управувала со истиот? Како тоа не преземала никакви законски мерки за да го запре и спречи ова масовно делење на ненаплатливи кредити?

Воедно ги повикуваме сопствениците на фирми должници кои до сега ги објавивме да ги вратат нашите земени пари, како што се: Оливера Спировска Мандевска од Феро центар, Слободан Ангеловски од Мулти офис, Џеват Ајдиновски од ЏМС транспорт и БКД-М, Славко Секулов од Камбриум, Ненад Јакимовски и Мусаддик Рустеми од Силком Голубица, Срџан Шабан од Арбор дизајн и Арбор интериор солутион, Себајдин Беќири од Златко М трејд, Антонија Петрушевски од Генекс коп, Горан Станковски од Ом-там, Борка Делева од Југотрејдинг ДН, Марија Ангеловска од АТВ Зеус, Горан Минков од Вадрамини инженеринг и Зоран Црвенковски од Екопласт рисајклинг. Тоа секако се однесува и на сите останати должници кон Еуростандард банка кои ќе бидат јавно објавувани во нареден период. И не само тоа. Ќе бидат покренати и правни дејства против нив лично“, соопштуваат од Правда за штедачи.