Околу 40 вработени во конфекцијата „Алкон-текс“ од Штип, која е позната како конфекција „Лонгуров“ денеска излегоа на протест пред седиштето на работодавачот, поради тоа што не ја добиле априлската плата, информираа од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Оттаму посочуваат дека 110 работници во конфекцијата од 8 април биле испратени на привремен принуден одмор, па сè до, како што соопштија, создавање услови за нивно повторно повикување на работа.
„Оваа одлука за прекин на дел од работниот процес од деловни причини работодавачот ја донел поради намалена работа и намален работен интензитет. На овие работници им беа доставени поединечни решенија за привремен принуден одмор, во кои било наведено дека за времетраењето на оваа состојба, работодавачот ќе пресметува и ќе им исплаќа плата во висина од 70 отсто. Ова значи дека овој период работниците може да примат надоместок понизок од законски предвидениот износ на минималната плата. Сепак, работодавачот не им ја исплати априлската плата во висина од 70 отсто на вработените во конфекцијата што се на принуден одмор“, се додава во соопштението на Хелсиншкиот комитет.
Текстилната индустрија е убедливо најслабо платената индустрија во земјава, посочуваат тие, додавајќи дека текстилните работнички добиваат плата која не е многу повисока од минималната плата во земјава.
Comments are closed for this post.