Ермира Мехмети и Беса Арифи се двете имиња на кои претседателот на СДСМ, Зоран Заев, им ги понудил потпретседателските позиции во партијата, дознава ТВ21 повикувајќи се на свои извори.

ТВ21 се обиде официјално да ја потврди информацијата, но од сите страни, молк. Поранешната пратеничка на ДУИ, Ермира Мехмети, ни одговори на телефон со порака, но во неа ниту ја потврдува ниту ја негира веста, туку само замоли да не ја контактираме веќе бидејќи кажала што имала во политиката и за политиката. Од друга страна, универзитетската професорка како и надворешна советничка на актуелниот претседател, Беса Арифи, не ни врати порака ниту пак одговори на нашите телефонски повици. Таа е сестра на потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, објави ТВ21.

Од СДСМ не сакаат да коментираат, оти неблагодарно е да се зборува за нешто откако завршил Конгресот, посочуваат оттаму.

Во ситуација кога сите позиции во органите на партијата се избрани и се веќе на почеток на нов мандат, неблагодарно е да се шпекулира дали и кој бил можен кандидат за одредена позиција или не. Дали и со кого е разговарано околу можностите за приклучување кон СДСМ исто така сметаме дека е несоодветно и нема дополнително да го коментираме, соопштиле од СДСМ.