Бугарија ќе одржи нови парламентарни избори на 11 јули, откако пропадна и третиот и последен обид да се формира нова влада, објави претседателот Румен Радев.
ГЕРБ на досегашниот премиер Бојко Борисов победи на изборите на 4 април и остана најголема политичка сила во парламентот, но ниедна партија не сакаше да коалицира со неа. Откако ГЕРБ го врати мандатот за составување влада, истото го направија и партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов и Социјалистите.
„На Бугарија ѝ треба политичка алтернатива со силна волја, што сегашниот парламент не успеа да ја даде“, изјави Радев, откако и Социјалистите му го вратија мандатот.
Ова не му остави друг избор на Радев освен да назначи привремена администрација и да распише нови избори.
„Следната недела ќе го распуштам парламентот и ќе назначам привремена влада. Во оваа ситуација, нови избори ќе се одржат на 11 јули“, кажа Радев.
Последните анкети велат дека ГЕРБ и натаму е најпопуларната партија, но Има таков народ е многу блиску на второто место, што најавува дополнителни неизвесности дека ќе може да се формира стабилна влада.
Comments are closed for this post.