При преведувањето не е доволно да се разбира само на ниво на јазик, туку да се познава и проблематиката на текстот што се преведува. Проф. д-р Елисавета Поповска од Катедрата за романски јазици и книжевности на Филолошкиот факултет рече дека занимавајќи се со преводот, преведувачот и учи, но не само во смисла да го збогати јазикот и да научи преведувачки техники, туку стекнува нови знаења и ги проширува светогледите. Зборувајќи за искуството со „Црно сонце” од бугарско-француската филозофка Јулија Кристева, Поповска истакна дека преведувањето вакви сложени дела со сеприсутна цитатност – експлицитна и имплицитна, бараат интуиција и претходен интелектуален багаж.
Според проф. д-р Ирина Бабамова, раководителка на Катедрата. преводите на македонски јазик се неизбежен елемент во долгиот пат на градењето на идентитетот, а преведувањето од еден јазик на друг, рече таа, има значајна улога во развојот на еден јазик и национална литература зашто преводот е посредник во протокот и размената на идеите.
Посочи дека преводи кај нас има уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик (пр. „Платон Кречет” преведен од руски од Блаже Конески за првата претстава на МНТ во април 1945), а по нормирањето на јазикот, меѓу преводите од западноевропски јазици предност, рече, имал францускиот (пред англискиот и германскиот). Првите преводи на француски по ослободувањето се од Ѓорѓи Шоптрајанов во 1947 година за потребите на училишната лектира, рече Бабамова, која учествувала во повеќегодишно истражување во рамки на меѓународниот проект „Историја на книжевното преведување во средна Европа”.
Жарко Кујунџиски од издавачката куќа „Антолог” соопшти дека 80 отсто од нивната продукција е преводна литература и дека имаат повеќе преводи од француски или франкофонски автори, како Фредерик Бегбеде, Лејла Слимани…. Но, рече, за разлика од класиците кои порано беа објавувани во големи тиражи од, главно, државни издавачки куќи, денес има многу современи автори кои ни се непознати.
-За жал, има многу современи автори кои се уште не можат да допрат до македонските читатели, рече Кујунџиски, додавајќи дека по 2016-та веќе не се објавуваат ниту добитниците на француската книжевна награда „Гонкур”.
Елена Никодиновска од НУБ „Св. Климент Охридски” на тркалезната маса истакна дека со приемот на нашата земја за полноправна членка во Меѓународната организација на франкофонијата на 28 септември 2006 во Букурешт, добивме нов импулс за запознавање на културните вредности на земјите членки.
Таа се осврна на активностите на универзитетската библиотека во промовирањето на француската книжевност, меѓу кои се и две библиографски изданија-каталози на НУБ за книги кои се преведени од француски на македонски или со посредство на францускиот јазик.
Comments are closed for this post.