Во услови на функционален парламент или парламент во полн капацитет не може да се прогласува вонредна состојба, вели за СДК професорот Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, откако вчера премиерот Зоран Заев не ја исклучи и оваа опција за изгласување на законите битни за власта.
Да се спомнува прогласување вонредна состојба кога Собранието е во полна кондиција, е малку глупаво и избрзано. Од една страна да барате да се спроведе попис, а од друга да зборувате за вонредна состојба, е мешање на лончињата. Дали ќе одиме на локални избори во вонредна состојба? Може да прогласат вонредна состојба ако се докаже дека парламентот е нефункционален, но тој е во функција. Ова е перпетуум мобиле, ако се докаже дека парламентот е нефункционален, да се бара претседателот Стево Пендаровски. Факт е дека за некои закони има блокада, но тоа е злоупотреба на правото на парламентарци од страна на некои пратеници, вели професорот Давитковски.
Според него, во многу држави, на пример во Франција, за злоупотреба на правото на пратеник како што се случува во моментов кај нас, кривично се одговара. Во Македонија пратеник и градоначалник одговараат само пред Господ, вели Давитковски и бара ова кривично дело да се воведе во Кривичниот законик.
Comments are closed for this post.