Асоцијацијата на ивент индустрија ИВАП, со отворено писмо му се обрати на премиерот Зоран Заев, бидејќи како што појаснуваат, имале повеќе неуспешни обиди да стапат во контакт со него или пак со некој од членовите на Владата. Во писмото тие потсетуваат дека членовите на ИВАП и заедницата на компании кои работат во секторот организација на настани се доведени во крајно тешка состојба и веќе една година компаниите и вработените биле оставени без основна можност за приход или заработка за живот.
Поради тоа, бараат средба со премиерот најдоцна до 29-ти март, со цел да се најде решение за нивниот проблем, во спротивно порачаа дека ќе бидат приморани да бараат решенија на радикален начин.
Се обидовме да бидеме конструктивни, да не придонесуваме за ширење на заразата, не вршевме притисок врз вас и имавме разбирање за ситуацијата во која сите се наоѓаме. За жал, не го добивме истиот пристап и од Ваша страна.
Ни го ограничивте основното човечко право да работиме и да заработуваме, а притоа на ниту еден начин не се обидовте да ни помогнете!Донесовте пакет мерки кој го наменивте за нас. Тој пакет мерки ниту е ставен во функција ниту ќе придонесе за олеснување на нашата тешка состојба.
Почитуван Премиере, нашето трпение е пред крај. Немаме друг избор освен да се бориме за нашите компании, за нашата егзистенција и за нашите колеги. Бараме средба со вас или со некој од Вашите министри задолжени за овие прашања, како би можеле итно да изнајдеме решение – наведено е во отвореното писмо на ИВАП.Очекуваме средба најдоцна до 29 март оваа година.
Доколку не бидеме повикани и доколку итно не се најде решение, ќе бидеме приморани да го искористиме нашето право решенијата да ги бараме на поинаков, за жал, радикален начин. Искрено ве замолуваме да не нé терате нашата едногодишна тишина да ја претвориме во голема врева, која нема да престане се додека не се исполнат нашите барања – му порачаа на премиерот од ИВАП.
Comments are closed for this post.