Бугарското Министерство за надворешни работи прогласи двајца руски дипломати за персона нон грата и им даде рок од 72 часа да ја напуштат државата.
Ова е направено со нота која му била предадена на заменик-шефот на руската амбасада, откако Министерството за надворешни работи добило писмо од обвинителството во кое се вели дека двајцата дипломати вршат активности во државата кои се спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи.
Првиот е Александар Зинкин, а вториот е со Максим Рибкин. Тие добиле тајни документи на НАТО, веројатно предадени од шпионската група на Иван Илиев познат под кодно име Резидент, за кој обвинителството тврди дека имал цела шпионска мрежа од поранешни и сегашни бугарски разузнавачи кои беа уапсени минатата недела.
За 1,5 година бројот на протерани руски дипломати од Бугарија е осум.
Сепак, во соопштението од МНР на Бугарија и од обвинителството не се наведува дали овие двајцата руски дипломати се поврзани со конкретниот случај на шпионирање во полза на Русија кој беше обелоденет минатата недела.
Амбасадата на Руската Федерација во Бугарија изјави дека овој неоправдан демарш на бугарските власти нема да придонесе за понатамошно воспоставување на конструктивен руско-бугарски дијалог и дека руската страна го задржува правото да возврати.
Бугарските власти објавија дека разбиле шпионска мрежа во полза на Русија, во која има и службеници од Министерството за одбрана.
На вонредниот брифинг беше соопштено дека се уапсени шест лица, меѓу кои има вработени во Министерството за одбрана, а шеф на групата бил поранешен висок функционер на Воената разузнавачка служба со кодно име Резидент, кој завршил воено образование во Бугарија и странство, како и разузнавачко училиште во Москва, познато како ГРУ.
Comments are closed for this post.