Објавениот документ со кој Бугарија поставува нови (агресивни) услови за Македонија за идниот преговарачки процес, сметам дека е сериозен манифест на негирање на македонскиот народ и неговата историја, вели за Пресинг ТВ, проф.Наташа Котлар-Трајкова.
Според неа, документот треба на прв поглед да не вџаши, а потоа со „божја“ помош, односно со помош на македонските ренегати од секаков вид, да голтнеме горчина, за во иднина благо да мислиме.
-Ова е содржина која повеќе зборува за европските партнери на Бугарија, одошто за самата неа. Изразеното понижување кон македонскиот народ, инфлагрантното фалсификување на македонската историја и нејзиното манипулативно прикажување во документот, до недолично и целосно негирање на македонскиот народ е невиден пример на фашистичко однесување на бугарските политички и водечки претставници, како и на нивните европски поддржувачи, за жал во 21 век! Конечно, не е на ЕУ, респективно и на Бугарија да определува или да суди како се идентификува еден народ, како ја именува својата земја, ниту кој јазик го говори тој народ. Ова претставува опасен преседан за процесот на проширување на ЕУ, воопшто, вели проф. Котлар-Трајкова.
Во овој документ, според проф.Котлар-Трајкова, има многу нешта кои привлекуваат внимание и треба да бидат сериозно искритикувани. Но, во првичната реакција, таа се задржува на историскиот аспект.
-Во оваа смисла ќе нагласам дека македонската историја се создавала врз основа на историските закономерности (кои и европската наука ги признава), а развојот на макердонската народносна (и национална) посебност во историската линија, честопати трновита, изразува карактеристична содржина, што се стреми кон афирмирање на посебна национална свест и култура. Дека Македонија, пред се, е посебна етногарфска, социјална, културна и политичка целина во историскиот контекст, а тоа, исто така, како што пишува во бугарскиот документ-„го потврдуваат сите дипломатски и историски информации од тоа време“, вели Котлар-Трајкова.
Притоа, наведува само еден пример од руската документација, која Бугарија по сила на нештата мора да го „љуби“, поради рускиот атрибут. Го наведува пишувањето на рускиот дипломат А.Петрјаев од 1909 година: „Македонија (термин поскоро политички, отколку географски) опфаќа во себе дел од провинцијата на Европска Турција…населението претставува самото по себе свој, наполно посебен, смешан „македонски“ тип, којшто е неможно да биде подведен под ниту една од познатите етнографски групи. Сите именувања, што му се даваат нему-Бугари, Грци, Срби, Албанци и Романци (Куцо-Власи) се јавуваат единстевно како политички етикети, што му ги натрупуваат соседните со Македонија балкански држави“.
Македонскиот народ за разлика од соседните, продолжува Котлар-Трајкова, на почетокот од 20 век доживува 6-годишни борби на својот простор, по што е разделен меѓу балканските земји, со премолчано одобрување на европските „големи сили“ (Џ.Д.Баучер, 1919 година, Париз). Македонското население, сега веќе инкорпорирано во правниот и во политичкиот систем на различните балкански државу (Грција, Бугарија, Кралството СХС/Југославија), директно се соочило со својата посебност од аспект на јазикот, на културата, но и од аспект на постојаната етничка, економска и социјална маргинализација.
-Во периодот меѓу двете светски војни, без оглед на постојаните тенденции да се негира македонската народносна посебност, а со тоа и нејзината самоизградена и себедефинирана национална свест, еден е фактот: европската, а во тие рамки и балканската левица, во своите планови за сеопфатна конфронтација со либералната демократија во актуелното македонско национално-ослободително движење препозна сериозен сојузник. Сојузник исцело посветен на идејата за создавање сопствена македонска држава, што само по себе подразбира рушење, односно рушење и редефинирање на балканскиот систем на држави, нешто што целосно одговара на идеите и на тактиката како на СССР, така и на неговата продолжена рака-Коминтерната, нагласува проф.Котлар-Трајкова.
Оттука, паралелно со македонското (национално) движење, според неа, сега веќе и комунистичките партии и организации стануваат носители и промотори на посебноста на македонскиот национален идентитет, а со самото тоа и на идејата за создавање македонска држава, самостојна или во состав на некаква балканска федерација. Во Втората светска војна, додава таа, македонскиот народ, иако поделен помеѓу различни правно-политички системи, дополнително обременет од големоалбанската, големобугарската и германско-италијанска окупациска власт, развива народноослободителна борба, со крајна цел создавање сопствена држава, како на дефинитивна потврда не само на себеосознавањето, туку и на осознавањето на реалноста од страна на европската, но и на светската јавност.
-Подготвителните документи на британското, односно на американското Министерство за надворешни работи, во пресрет на сојузничката конференција на Јалта, јасно укажуваат дека македонската нација е реалност, факт од кој не може да се избега. Создавањето на македонската држава врз асномските одлуки во рамките на југословенската држава, покрај тоа што е резултат на НОБ и НОВ на Македонија, од меѓународен аспект е воедно, согласно и интересите на геополитиката и сферите на усогласување помеѓу големите сили, вели проф.Котлар-Трајкова.
Според неа, по завршувањето на Втората светска војна, македонскиот народ иако само во делот на сојузната југословенска држава, создаде сопствен правно-политички инструмент со кој да ја стабилизира и развива својата национална свест, а од друга страна, зрачејќи регионално, да ја зачува и да ја развива идејата за себепосебноста во соседните држави. Затоа, бугарските мистификации од голем број настрадани, илјадници Бугари, во повоена Македонија, не држат, па дури заради апсурдноста се и смешни!
-Ова е македонската историска стварност, која Бугарија не сака да ја прифати и повторно ни нуди бајата, манипулативна содржина. Но, овојпат треба да истакнеме многу јасно и отворено дека таа за нас е и европска и крајно понижувачка. Затоа, овој бугарски документ не треба да се прифати, веднаш да се искине и фрли, да се напише остра нота, најпрвин до европската политичка елита-ЕУ, а потоа и до Бугарија. Јавно да се објави заштита на македонските национални интереси и заштита на македонската сувереност, за сега и за во иднина! Затоа што националното достоинство на една држава и нејзиниот народ стои највисоко пред секој индивидуалец, како врвен приоритет, потенцира проф.Котлар-Трајкова.
Comments are closed for this post.