Министерката за одбрана Радмила Шекеринска очекува утре на седница на Влада да се дискутира за дел од прашањата поврзани за добивање, пристигнување и исполнување на условите во однос на вакцините од КОВАКС механизмот.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа посочи  дека се додека не добијат информации и владините министри, за сите овие прашања да се комуницира со институциите задолжени за тоа, потенцирајќи дека нема понови информации од она што е познато во јавноста.

Знам уште од претходно дека сите услови кои се побааруваа во делот на КОВАКС механизмот како држава одамна ги исполнивме. Уште во самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на мехнизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по денешната промоција на новиот софтвер за тестирање на знаењата на англискиот јазик на припадниците на Армијата и вработените во одбраната, согласно НАТО стандардот – СТАНАГ во Центарот за обука „Д-р Џозеф Крузел“ во скопската касарна „Гоце Делчев“.

Од ГАВИ, Алијансата за вакцини, задолжена за програмата Ковакс преку која се испраќаат вакцини на земји со среден или низок приход, за МИА објаснуваат кои критериуми се потребни за да се добијат вакцини, но не прецизираат дали Македонија ги исполнува наведените услови.

За дозите да можат да се испорачаат до учесниците на програмата преку оваа прва рунда на испорака, повеќе критични делови мора да бидат присутни, вклучително потврда на националните регулаторни критериуми за авторизација поврзани за испораката на вакцини, договори за обештетување (за сите учесници со секој производител), национални планови за вакцинација како и логистички фактори како лиценци за извоз и увоз, велат за МИА од ГАВИ.

Алијансата нагласува дека е во контакт со сите учесници во Ковакс за дистрибуцијата на вакцини, но без повеќе детали за процесот во однос на Македонија.

Со финализирањето на подготовките, Ковакс ги издава нарачките до производителите и ги праќа и испорачува дозите преку редовен процес. Ова значи дека, од минатата недела, доставите за првата рунда испораки се одвиваат дневно, во транши, објаснува Лаура Шевлин од ГАВИ.

Според неа, владите се информирани за првата рунда дистрибуција за тоа на кој датум ќе ги добијат дозите, а роковите би требало наскоро да бидат јавно соопштени.