Во хотелот со четири ѕвезди „Крал Карло“ во Прага, болничари во заштитна опрема третираат рани и делат аналгетици на бездомници кои се заболени со Ковид-19. Некогашната дестинација за странските туристи сега ги отвори вратите за бездомниците од градот кои се заболени од коронавирусот и оние кои мора да одат во карантин, пренесува „Н1“.
Тој е еден од трите хотели кои ги нудат своите услуги во главниот град на Чешка, каде туризмот чека подобри времиња, се додека не се смири епидемијата. Во хотелот кој се наоѓа во близина на историското место Вишехрад, моментално се сместени 35 бездомници.
„Примаме пациенти со благи симптоми на Ковид-19 затоа што обезбедуваме хуманитарна помош, не сме здравствена установа, па затоа немаме лекар овде. Кога ќе се појави тежок случај, ние се јавуваме во болница“, велат од хотелот.
Земјата-членка на ЕУ која брои 10.7 милиони жители, во изминатите две недели беше лидер по бројот на заразени со Ковид-19 и втора по бројот на смртни случаи. Денеска пак, на лекување во странство беше пренесен и првиот пациент од Чешка, откако тие побараа помош од другите земји, бидејќи нивните болници се преполни.
Во моментов во болниците во земјата се лекуваат околу 8.500 луѓе. Од нив, околу 1.789 се во тешка состојба или на респиратори. Како дел од владините мерки, хотелите, рестораните и повеќето продавниците беа затворени во најголемиот дел од минатата година.
Comments are closed for this post.