Бизнисот и Владата веќе извесен период се препукуваат за одлуката на вторите недела да биде неработен ден. Вчера бизнисмените се изјаснија децидно против, сметајќи дека има дејности за кои не смее и не треба недела да е неработна, но и дека тие и онака плаќале дневници за тие кои работат тој ден- па не ја гледаат потребата истиот специјално да биде прогласен, пишува Скопско ехо.
Но реагираа и оние најповиканите: работниците. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излегоа со соопштение дека никој во ниеден момент не ги викнал на дебата за ваквата одлука. Велат, смешно е и трагично да одлучуваш за работа на работник во недела а истиот не си го ни прашал.
Да си правиш дебата дали требало или не да се работи во недела и да дебатираш сам со себе без да ги слушнеш работниците односно оние кои ти работат во недела е рамно на робовладетелско општество на кое се навикнати македонските работодавачи. На каков начин ги мотивирале до сега работниците да им работат во недела и со својот труд да им го ствараат капиталот, реагира ССМ.
Пошироката јавност излезе со поддршка за ваквата позиција на ССМ, ама истовремено и со критика:
Зошто чекавте да не ве побараат? Зошто не кажавте јасно и гласно веднаш? Зошто дозволувате некој да ве третира како сака, а вие сте клучот за да функционира работниот циклус, оти како без вас би постоел бизнисот? Никако! Зошто синдикатите молчат? Ова се само дел од реакциите под објавата на ставот на ССМ на социјалните мрежи.
Факт е дека бизнисот и власта не треба да договараат без да ги слушнат најважните- работниците. Но, синдикатите истовремено треба да се разбудат од зимски сон и да реагираат согласно намената заради која се формирани.
извор Скопско ехо
Comments are closed for this post.