Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно” бара итно прекинување на активностите за изградба на гасоводот низ Водно поради, како што велат, загрозувањето на животот на работниците на терен и игнорирањето на мерките за заштита од ерозија.
Се работи на исклучително тежок терен со наклони од 63 отсто во должина од 107 метри, од 71 отсто во должина од 163 метри. Работниците треба да ги носат багерите во амбис, зошто така оди трасата на гасоводот. Треба да го ризикуваат својот живот за да продолжи изградбата на гасоводот низ Водно по секоја цена – велат од „Го сакам Водно”.
Од иницијативата нагласуваат дека не се применуваат мерките за заштита од ерозија кои се потребни на сите наклони поголеми од 20 отсто во парк шумата Водно иако, како што посочуваат, преопрачано е да се имплементираат низ целата делница.
Мерките не се применуваат затоа што не е завршена постапката за јавна набавка за избор на фирма која ќе ги спроведе – порачуваат од Граѓанската иницијатива и додаваат дека Планот за заштита од ерозија по нивно барање пред еден месец е доставен до МЕР и до Министерството за транспорт и врски.
За нив е симптоматично и обновувањето на решението за сеча од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, а велат дека е можен фалсификат и на Студијата за влијание врз животната средина, бидејќи еден од професорите потпишан како соработник сам јавно истакнал дека првпат слуша за изработка на таков проект.
Како посебен проблем, од иницијативата го истакнуваат немањето дозвола или мислење од Министерството за одбрана за градба на гасоводот во непосредна близина на бункерот во кој е сместена главната противвоздушна одбрана на Скопје. Посочуваат дека не се донесени и законите за Водно и Матка, кои се внесени во владините заклучоци од 22 август годинава.
Comments are closed for this post.