СДСМ продолжува да го девалвира, потценува и игнорира Законодавниот дом. Денес на Комисијата за Политички систем на дневен ред е Националната стратегија за спречување на корупција која претставува стратешки документ за државата, а СДСМ и Љупчо Николовски тоа воопшто не ги интересира, реагира Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
-Во моменти кога Република Македонија според Транспаренси Интернешнл е на 111 место во светот по корупција и криминал, единствениот надлежен и одговорен во Владата за оваа проблематика, вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал Љупчо Николовски, одбива да дојде и овде во Собранието, пред пратениците и македонската јавност да учествува во донесувањето на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси. Како одговорни пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од оваа говорница уште еднаш јавно го повикуваме вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот во Македонија да се одважи и да дојде на оваа Комисија, иако пратеничката група на СДСМ силно се противи на тоа и од петни жили се обидува да го заштити својот партиски генерален секретар. Апелираме до вицепремиерот Љупчо Николовски наместо да се занимава со партиски обврски, наместо да шета низ партиските штабови на СДСМ и да доделува членски книшки, конечно да почне да се занимава со решавање на овој горлив проблем за што впрочем е и дебело платен со пари на граѓаните, истакна тој.
Ефтимов посочи дека 111-тото место во светот на Македонија на листата на корумпирани држави, како и непревземањето на никаква активност и иницијатива во моменти кога корупцијата и криминалот во државата цветаат, е доказ дека Љупчо Николовски има измислена и фиктивна функција во Владата само за да зема огромна плата и да ужива други комодитети, а во меѓувреме да си врши партиски задачи и обврски.
-Ваквото однесување на Љупчо Николовски јасно покажува дека тој нема искрена намера да постапува и да се бори против криминалот и корупцијата, туку дека тој е еден од соучесниците во криминалите на власта. На крајот, сакаме да потенцираме дека токму 111-тото место на Македонија во светот, јасно покажува дека Љупчо Николовски нема никаков капацитет, ниту кредибилитет да се бори против корупцијата, туку тој има само капацитет да се занимава со партиското ажурирање на сметка на сите граѓани на Република Македонија, порача тој.
Comments are closed for this post.