Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека треба што поскоро да се одржат предвремени парламентарни избори.

Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111-то место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, ние уназадуваме или сме на дното во регионот, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата Порше Македонија.

Според него, оваа Влада јасно покажа дека не знае како, нема вештини и нема план како да ја води државата.

Час поскоро треба да има предвремени парламентарни избори, ново, стабилно владино мнозинство кое со многу работа, бидејќи нема веднаш да дојдат придобивките преку ноќ. Треба многу работа, многу откажување, чесни луѓе и чесни политичари кои не се огрешени и зглавени во криминал за да можеме Македонија да ја извадеме на прав пат, рече Мицкоски. Додаде дека се работи, да се почека и дека се можни предвремени парламентарни избори заедно со локалните.