И оваа недела матурантите нема да се вклучат на наставата. Тие уште стојат на ставот дека се потребни измени во полагањето на државната матура, поточно да се полага со скратена наставна програма. Од ресорното Министерство пак се децидни – бојкотот е неоправдан и е на штета на матурантите.
Сојузот на средношколци вчера објасни дека не се залагаат за укинување на државната матура, туку поради сегашната ситуација, таа да биде изменета.
Државната матура, според Сојузот, треба да се полага по скратени наставни програми и методологии. Но, како што велат, тие програми треба да се однесуваат на сите предмети, а не само на неколку.
Од Сојузот напоменуваат дека скратените наставни програми беа и продолжуваат да бидат дел од нивните барања упатени до институциите.
Според претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, за ова нивно барање потребна е поддршка од сите пратеници и сите политички партии, бидејќи смета дека истото не смее да биде политизирано.
Сојузот на средношколци во сабота одржа состанок со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, каде се дискутирало на оваа тема, а во четврток Сојузот доставил и писмо за поддршка до сите пратеници во Собранието. Тие бараат поддршка за нивните барања да бидат дискутирани во јавна дебата во Собранието.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека средношколците имаат право да си ги бараат своите права поради сите овие околности коишто се настанати од ковид пандемијата.
Министерството за образование и наука, пак, вчера излезе со реакција дека бојкотирање на оваа суштинска должност и одговорност е неприфатлива.
Од Министерството појаснија дека заедно со Владата се должни и ќе ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите над 14.000 учениците кои ја пријавија да ја полагаат и да продолжат да учат и да се запишат на факултет.
Тие посочуваат дека е неодговорно да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет.
Оние кои не планираат да продолжат на факултет, според МОН, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит.
Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија како што МОН уште на почетокот на учебната година одлучи, а со тоа беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите, појаснуваат во соопштение.
Направени се измени и во постојната концепција, а од МОН појаснија дека се воведени и два дополнителни изборни предмети – географија и информатика, и е усогласена проектната задача за да биде интересна за матурантите.
Исто така, потсетуваме дека работна група во која учествуваат претставници на средношколците и Државниот испитен центар ќе подготви целосно нова концепција за државна матура, која ќе се користи веќе од идната година и со ова за кратко време направен е голем исчекор кон подобрување на целиот концепт, посочија во соопштение од Министерството.
Тие апелираат дека образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации.
Comments are closed for this post.