Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска треба да одржи онлајн подготвителна седница во скратен состав, на која ќе го тампонира патот до седницата која според најавите треба да се одржи идниот месец. Неофицијално, на утрешната видеоконференција ќе учествуваат претседателите на македонската и бугарската комисија, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, заедно со уште по двајца членови од двете страни. На овој работен состанок, членовите на Мешовитата комисија ќе дискутираат за трите записници од претходните состаноци на Комисијата кои што сѐ уште не се потпишани, поради несогласувањата на историчарите околу употребата на придавката „македонски”. Премиерот Зоран Заев изрази очекување дека дури и од таа подготвителна седница, која се подготвува заеднички од македонска и од бугарската страна ќе има некој исчекор.
Во пресрет на средбата, изминатиот период во јавноста крена прашина смената на еден член од македонскиот состав на Комисијата. На историчарот Александар Литовски не му е продолжен договорот кој истекол на 31 декември минатата година. На сите други членови им се продолжени договорите, а на местото на Литовски доаѓа Исамедин Азизи од Институт за духовно културно наследство на Албанците.
Comments are closed for this post.