На 65-годишна возраст во Лос Анџелес во средата на 20 јануари, почина познатата филмска и театарска актерка Мира Фурлан, една од најголемите ѕвезди на југословенскиот филм во 80-те години.
Веста е објавена на нејзиниот профил на Твитер, а ја потврдил и нејзиниот пријател, авторот на американската научно фантастична серија „Бабилон 5“, Мајкл Страчински, во која Фурлан ја играше амбасадорката Минбари Делен.
„Ноќ на голема тага, бидејќи нашата пријателка и другарка тргна по патот каде не можеме да ја достигнеме. Но, како и за сите нешта, со време ќе ја стигнеме и верувам дека таа ќе има многу приказни и многу нови улоги што ќе ги сподели со вселената”, објави Страчински.
Фурлан емигрираше во САД во 90-тите години на минатиот век и беше интелектуалка која го изразуваше својот критичен став спрема лудилото кое тогаш се случуваше на просторите на поранешна Југославија. Укажување на погубноста од национализмот и омразата која произлегува од него.
Фурлан играше во славните југословенски филмови: „Татко на службен пат“, на Кустурица, „За среќа се потребни тројца“ на Рајко Грлиќ, „Киклоп“ на Антун Врдољак, „Убавината на порокот“ на Живко Николиќ, како и во ТВ сериите „Вело мисто“, „Непокорен град“ „Смоговци“, „Вучјак“. Во САД е позната по улогите во сериите “Изгубени” и “Бабилон 5”.
Comments are closed for this post.