Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи ќе престојува во официјална посета на Црна Гора на покана на министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорге Радуловиќ.
Во рамките на посетата Османи ќе има набиена агенда на која ќе оствари средби со целиот државен врв на земјата. Покрај неговиот хомолог, Османи ќе оствари средба и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, со претседателот на црногорскиот парламент Алекса Бечиќ, со претседателот на Владата, Здравко Кривокапиќ, како и со потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ.
Се очекува, на разговорите да бидат потврдени блиските и пријателски односи меѓу двете земји, но и детално разгледување на начините како да се продлабочи соработката, особено економската, која треба да ги следи многу добрите политички односи, преку изнаоѓање на нови форми и содржини за збогатување на трговската размена. Во споделувањето на мислења и ставовите посебно внимание ќе биде ставено на соработката во рамките на НАТО, како земји сојузници и во процесот на интеграцијата во Европската Унија, во која двете држави имаат заедничка цел и перспектива. Во тој контекст, ќе се разговара и за регионалната соработка и иницијативи, кои имаат клучна улога во развојот на добрососедските односи и нивното значење за меѓусебната соработка и европската иднина на секоја земја поединечно и регионот како целина.
Comments are closed for this post.