Годинава нема да биде лесна од аспект на економијата, но бројките од 2020 година не охрабруваат, бидејќи исправните политики, инклузивноста, соработката и партнерството со сите чинители во општеството покажа резултати и очекуваме тоа да продолжи и во наредниот период. Доказ за тоа се и јавните констатации од ММФ при последната мисија во земјава и задржаниот кредитен рејтинг, порача денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Како што посочи на прес-конференција во Владата, реализацијата на приходите во изминатата 2020 година е во рамките на очекувањата и е 96,7 отсто, кај даноците и придонесите е реализирано 99,5 отсто. Кај даноците е реализирано 99,05 на годишно ниво, а кај придонесите 102,3 отсто во споредба со планот. Капиталните расходи и покрај кризата достигнаа ниво од 80 отсто на реализација во однос на планираното, вкупниот буџетски дефицит е 8,1 проценти наместо планираните 8,5 проценти.
Изминатата 2020 година беше тешка, но успеавме и 2021 ќе биде тешка, но ќе успееме. Годината што помина беше исклучително тешка од здравствен, економски и социјален аспект во целиот свет и кај нас. Се случи најголемата светска економска криза и здравствена криза на светско ниво. Во 2009 година на светско ниво БДП контрахираше околу 0,1 процент, а во 2020 година 4,4 проценти. Кај нас во 2009 година имаше негативен раст од 0,4 проценти, а во 2020 година според планираното падот на БДП е 4,4 проценти што е околу 11 пати повеќекратен ефект врз нашата економија, рече Бесими.
Со сите четири досегашни пакети на антикризни мерки, потенцира, во нашата економија се вбризгаа околу една милијарда евра за претходната година и за годинава што следи или околу 10 проценти од БДП.
Обезбедивме директна финансиска поддршка за околу 500 илјади најпогодени граѓани од кризата, придонесовме за зачувување на преку 100 илјади работни места во преку 20 илјади претпријатија погодени од кризата со финансирање на дел од платата двапати по три месеци во текот на годината. Обезбедивме и бескаматни поволни кредитни линии за мали и средни претпријатија, бесплатни тестови, издвоени беа средства за вакцини, за поддршка на медицинскиот персонал,… Позитивниот импакт од сето тоа што го правевме не охрабрува да делуваме и понатаму, рече Бесими.
Ако падот во вториот квартал од 2020 година беше 14,9 проценти, додаде, во третиот квартал падот на БДП беше ублажен на 3,3 проценти.
Бруто инвестициите кои во вториот квартал имаа пад од 34,4 проценти во третиот квартал имаа раст од 4,2 проценти споредено со 2019 година кога немаше Ковид. Бруто инвестициите, пак, бележат раст од 77 проценти што значи огромен и значаен одговор на приватниот сектор на кредибилноста на политиките на Владата. Падот на потрошувачката во третиот квартал е ублажен на само 1,2 проценти за разлика од падот од 9,1 отсто во вториот квартал. Тоа се должи на високиот раст на јавната потрошувачка во третиот квартал, посочи Бесими.
Нагласи дека бројките во економијата се охрабрувачки и во четвртиот квартал од 2020 година и додаде дека во октомври извозот бележи раст од 5,6 проценти, искористеноста на капацитетите во преработувачката индустрија достигна ниво на 68,5 проценти во ноември и се доближува на процентот пред кризата кога била 71,4 проценти.
Comments are closed for this post.