Уставниот суд на Босна и Херцеговина вчера одржа седница на која донесе одлука дека мерката за ограничено движење и носење маски за време на пандемијата на коронавирусот претставува кршење на основните човекови права.
На седницата на Големиот совет на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, одржана по електронски пат, меѓу другото е донесена и одлука дека одлуките на кризниот штаб на ФБиХ за забрана на движење и задолжително носење заштитни маски се „мешање во основните човекови права и слободи загарантирани со Уставот на БиХ и Европската конвенција за заштита на човековите права“.
„Во конкретниов случај, станува збор за кршење на правото на приватен живот и слобода на движење, кое е сторено со наредби на тесни сегменти на извршната власт за задолжително носење заштитни маски и ограничување на движењето, на кризните штабови на министерството за здравство“, рече Уставниот суд.
Исто така, се наведува дека одлуката на Кризниот штаб на Министерството за здравство на ФБиХ претставува кршење на овие човекови права имајќи предвид дека „немаше активно учество на највисоките законодавни и извршни органи во усвојувањето и преиспитувањето на наредените мерки“.
Мерката за забрана на движење од 23 до 5 часот во БиХ беше воведена на 10 ноември поради зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирусот, а по неа следуваа мерки за задолжително носење маски и во затворено и надвор.
По усвојувањето на мерките, сараевските адвокати испратија жалба до Уставниот суд на БиХ и побараа да ги преиспита донесените мерки, како и да ја укине мерката на Кризниот штаб на Федералното министерство за здравство до конечната одлука.
Comments are closed for this post.