Денеска се сретнаа претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и претседателот на Големото национално собрание на Република Турција Мустафа Шентоп. Џафери на средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, се заблагодари за континуираната поддршка што Република Турција ѝ ја дава на Македонија, пред сè, на полето на одбраната, внатрешните работи и членството во НАТО. Тој информираше за најновите настани во врска во европската интеграција, изразувајќи надеж дека наскоро ќе бидат надминати разликите и ќе се пронајде начин да се отвори патот на Македонија за членство во ЕУ.
Како што се посочува во соопштението, Шентоп нагласи дека, односите меѓу Турција и Македонија добиваат нова димензија по членството на земјава во Алијансата, каде што продолжуваме да соработуваме како сојузници. Турција и понатаму останува силен подржувач на интегрирањето на Република Македонија во Европската унија.
Шентоп на средбата се осврнал и на претседавањето на Република Турција со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и информираше за претстојните парламентарни активности во рамките на турското претседателството. Воедно, тој упатил честитки за полноправното членство на нашата земја во Организацијата на Црноморската економска соработка.
Претседателите на двете собранија разменија мислења за последиците, начините и мерките за справување со пандемијата со КОВИД-19 и функционирањето на парламентите под посебни заштитни протоколи.
Џафери ја поздрави солидарноста на Турција во борбата со пандемијата и се заблагодари за добиените турски донации со помош за справување со здравствената криза.
Тие изразиле задоволство што меѓусебната трговската размена не се намалила за време на пандемијата, што покажува дека економските односи се засновани на солидна основа. На средбата станало збор и за борбата против тероризмот и поддршката што парламентите ја даваат на владите на овој план.
Соговорниците изразија заложби за понатамошно унапредување и зајакнување на соработката во сите полиња и надеж за продлабочување на одличните меѓупарламентарни односи, се посочува во соопштението од собраниската прес-служба.
Comments are closed for this post.