Продолжува приказната „Сорос во грчката висока политика“ која ја отвори министерот за одбрана Панос Каменос, но која се обиде и да ја затвори. На чуден начин, откако Никос Коѕијас си поднесе оставка и откако поминаа неколку дена на фронтални политички битки, Каменос изјави дека на затворениот владин состанок никогаш не го спомнал Сорос, а уште помалку дека тој дал пари во грчката влада за да го подмачка Преспанскиот договор.
Сега, во ТВ интервју потврди дека зборувал за Сорос, но оти никогаш не рекол дека тој давал пари.
Поконкретно, грчки медиуми повикувајќи сена транскрипти, објавија дека Каменос го обвинил Коѕијас оти во неговото Министерство легнале 50 милиони евра Соросови пари, а плус му залепи обвинување за соработка со компанија која издавала визи.
Дали рекол или не рекол, во секој случај премиерот Алексис Ципрас се обидува да ја затвори аферата. Првин заканата стигна до весникот „Ефимерида“ кој ги објави информациите за Соросовите пари, а потоа категорично рече дека нема да ја објавува оставката на Коѕијас напишана на 9 страници. Зошто? Дали во неа има нешто инкриминирачко за Владата за Ципрас? Дали тајните фондови се прашања кои Ципрас никако не би сакал да се отворат, а на што посочуваа медиумите?
Да бидеме на чисто. Јас зборував за Сорос на состанокот, но никогаш не спомнав 50 милиони евра дадени на Владата. Го спомнав Сорос во однос на Министерството за надворешни работи и соработката со компанија која издава визи и не би требала да има никаква соработка со Владата, рече Каменос за Стар.
Од друга страна, опозициската Нова демократија (НД) денес повторно го покачи тонот и притисокот врз Владата во врска со обвинувањата меѓу Каменос и Коѕијас на владината седница, поточно обвинувањата на Каменос дека министри земале пари од милијардерот Џорџ Сорос за да го промовираат Преспанскиот договор. НД бара целосен транскрипт од минута до минута од седницата. Близок соработник на Киријакос Мицотакис вели дека случајот е сериозен и партијата нема да дозволи тоа да биде прикриено од која било влада.
Покрај ова, уште три прашања се поставени од Пиреја до правосудството: Дали како осомничен се јавува роднината на премиерот, Џорџ Ципрас, дали во оставката на Коѕијас се зборува нешто за скандалот со продажба на проектили на Саудиска Арабија и трето, дали има користење фондови од невладини организации за бегалците од Каменос.
Comments are closed for this post.