Издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје ја издаде книгата „Сновење“ (музички приказни) на виолинистката Лада Шоптрајанова Петровска. Книгата е објавена во едицијата „Виртус“.

Како што соопштуваат од „Или-Или“, „Сновење“ е збирка од 52 приказни во кои авторката на префинет и читлив начин ни ги раскажува приказните за најголемите создавачи во музиката (Моцарт, Верди, Пучини, Дебиси, Бетовен, Сибелиус, Чајковски, Рахманинов, Шостакович), за нејзините со-создавачи, изведувачи, кои биле или не биле наши современици (Паганини, Калас), сè до приказните за нам временски блиските (Пјацола, Коен и Шпато).

Во секоја „приказна“ има приказна – има делче од нечиј живот, што го препознаваме како наш. Токму тоа давање живот на познатите и многупати преслушувани музички дела е тоа што ги прави овие редови посебни. Во современата униформираност, површност, забрзаност и избрзаност, во трката со времето и заборавањето на себе, Шоптрајанова Петровска нè поттикнува да си дадеме малку време за себе, да си погледнеме во срцата, да си го чуеме сопственото срце и да се препознаеме во величественоста на музиката за која пишува, вели Славица Бабамова.

За писателката Оливера Ќорвезироска, ракописот на Шоптрајанова Петровска е пребогат и како книжевен и како музички поттекст.

Како материјал, како краткотрајно задоволство напоено со знаење и компетенција. Повлекува врски и со филмот (конкретно во записите за Пучини и Моцарт), со ликовната уметност (Алма Малер – Густав Малер – Оскар Кокошка – Климт)… Шоптрајанова Петровска музичките дела ги ситуира во широко сензибилни контексти и тоа директно резултира со читливост, висока приемчивост на текстот, вели Ќорвезироска.

Лада Шоптрајанова Петровска е родена 1972 година во Скопје. Основно училиште завршила во „Ј.Х.Песталоци“, а образованието го комплетирала на ФМУ во 1994 година. По образование и професија е виолинистка, а дополнително, по вокација – филигранистка и екологистка. Од 1993 година е надворешен соработник во Македонската филхармонија, а од 1995 до 2019 година нејзин редовно вработен член. Од 2017 до 2020 година соработува со весникот „Нова Македонија“, во кој еднаш седмично има своја рубрика насловена како „Музички приказни“.