Збирката раскази „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска како театарска претстава ќе биде поставена на сцената на Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград а ќе го режира Јована Томиќ.

Од ЈДП сопштија дека во тек се проби поставката во која играат Сања Марковиќ и Јована Беловиќ. Драматург е Димитрије Коканов, костимограф е Маја Марковиќ, а композитор е Лука Мејџор.

Веднаш по објавувањето збирката кратки раскази „Мојот маж“ предизвика големо внимание на критиката и читателската публика, додаваат од ЈДП.

Книгата на Бужаровска по објавувањето беше една од најчитаните домашни литературни дела во земјава, а се најде и на листата на најчитани книги и во регионот. „Мојот маж“ пак во театарска форма имаше премиера на почетоков на годинава во Драмскиот театар во Скопје во режија на Нела Витошевиќ. Претставата во октомври беше поставена и во Словенечкиот народен театар, во режија на Ивана Ѓилас.