Јас тебе војводо, ти мене сердаре. На ова може да се сведе вчерашниот настап на премиерот Зоран Заев и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана,Красимир Каракачанов, во интервјуто на Канал 77. Но, останува нејасно кој е војводата, а кој сердарот. И кој сега на каков начин ја „сака Македонија“-дали Каракачанов на погрешен или одеднаш е на вистинската патека или вистинската патека на Заев се трансформира во погрешна!

Важно, обајцата наменски ѓоа се смирија и договорија заедничка чашка ракија или кафе. Само со тоа што, според Каракачанов, македонските политичари кога седат со него знаат да признаат дека се Бугари, ама веднаш потоа, откако ќе се разделат, стануваат Македонци. И премиерот Заев тоа мора да го има во предвид.

Каракачанов во интервјуто не откри топла вода. Зашто, неговото признание дека бугарската власт и цар за време на Втората светска војна биле сојузници на Германија и Хитлер, како што вели и самиот, е историски факт и тој не може да го смени колку и да сака. И тоа апсолутно не значи дека поради тоа денешните Бугари и целиот бугарски народ треба да се нарекуваат фашисти. А, дистанцирањето меѓу фашистичката бугарска власт и цар од тоа време е направено уште со Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во 1943 година. Што значи дека се друго е само обид на денешната власт во Бугарија насилно да им импутира на Македонците антибугарско расположение, што пред ЕУ треба да се претстави како пречка за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. А, ако тоа „фашисти“ од македонска страна се употребува денес, тоа е израз на политиката на непризнавање на етногенезата на Македонците и ништо друго.

Но, во овој контекст, е настојувањето на Каракачанов преку убиството на младинците во Ваташа да ни наметне ново читање на историјата, според кое тој настан ќе се претстави како трагичен случај во една граѓанска војна меѓу државата и комунистите.

– Јас сум одел во Ваташа три пати. Првиот пат во 94 година. Сум прочитал повеќе документи за Ваташа од вашите колеги. Случки како Ваташа има и во Јастребино во централна Бугарија каде бугарската полиција убива 12-13 деца и ги убива не затоа што се Македонци, туку тоа е граѓанска војна. Државата против комунистите, не е против Македонците. Тоа е затоа што комунистите војуваат со државата, и државата против комунистите, а не против етнички Македонци или други. Ваташа е трагичен случај од нашата заедничка историја, изјави Каракачанов.

Каракачанов сега го користи терминот Македонци и тоа со одредницата ЕТНИЧКИ. Оттука, се наметнуваат најмалку две прашања. Прво, зошто воопшто дозволи, како дел од актуелната власт во Бугарија, односите меѓу двете соседни држави да дојдат до степен на вриење и во Народното собрание едногласно да се донесе резолуција за целосно негирање на етничките Македонци до 1944 година?! И второ, зарем навистина мисли дека тогашните ЕТНИЧКИ МАКЕДОНЦИ биле толку недоветни и малоумни, па по идеолошка линија да започнат меѓусебна граѓанска војна?

Каракачанов, за жал, изумува една основна работа. А, тоа е дека Втората светска војна за тогашните ЕТНИЧКИ МАКЕДОНЦИ не била само антифашистичка, туку и војна за ослободување и создавање сопствена национална држава. И во неа не учествувале само комунисти, туку и не комунисти.

Сосема друга работа е ако сака да ги поистовети комунизмот и фашизмот како два тоталитарни системи, што е во согласност со резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа. И тука овој сегмент во Бугарија има една димензија, а во Македонија, што нему сега не му пречи да ја именува како таква, сосема друг. Но, тоа не е работа на Бугарија, туку на самата Македонија.