Софискиот и Битолскиот универзитет вчера за првпат заеднички го чествуваа патрониот празник „Св.Климент Охридски“ преку научна конференција на тема „Димензиите на компетенциите“. Се разбира во духот на добрососедството и како еден од меѓусебно усогласените приоритети за време на самитот на Берлинскиот процес во Софија, на кој двете земји беа во улога на домаќини.
За да се манифестира политичката димензија на настанот, пак, на него присуствуваа и учествуваа нашата министерка за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерката за образование на Бугарија, Тања Михајлова.
И за да нема никакви дилеми, така треба да биде, зашто двете научни институции мора да бидат авангарда во двете општества. А, како некаков компромис, двата универзитета своите патрони празници одлучија заеднички да ги празнуваат некаде во средина меѓу бугарскиот црковен стил 25 ноември и македонскиот на 8 декември.
Но, во сета битолска ректорска добрососедска сага остана да виси чувството дека сето тоа претставуваше, чисто народски кажано, некакво избрзано трчање како „прле пред магаре“. Особено ако се има предвид Македонскиот манифест, што вчера заеднички го објавија најстариот државен универзитет „С.Кирил и Методиј“ од Скопје, МАНУ и МПЦ-ОА каде што најостро нзастанаа во одбрана на почитувањето на научните достигнувања од областа на македонската историографија и културологија.
Личноста на Св.Климент Охридски е една од оние за кои мешовитата македонско-бугарска комисија постигна согласност за заедничко чествување. И тоа чествување, според Договорот за добрососедство, треба да се одржува на јубилејни години. Каква јубилејна година е оваа 2020 во однос на Св.Климент Охридски никој не спомена, иако станува збор за одбележување на патронен празник на двата универзитета. Само за потсетување, јубилејната прослава за Св.Климент Охридски се случи во 2016 година, кога се прославуваше 1100 години од неговото блажено упокојување.
Но, тоа што е поважно е што домашната јавност се уште не е запозната со содржината на протоколот за постигнатата согласност на историчарите за заедничко чествување, а премиерот Зоран Заев најави и менување на учебниците за наредната учебна 2021/2022 година. Досегашниот молк околу тоа остава можности за научни и експертски реакции на домашната политичка сцена, особено ако тој е ставен во некаков чисто бугарски наратив.
Зашто Св.Климент Охридски е и заштитник на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, како и светителски заштитник на македонскиот народ.
-Во преписите на оригиналните книжевни творби од Св.Климент Охридски на ниту едно место не е авторски потпишуван како бугарски епископ, туку секаде стои атрибуцијата-Климент, епископ словенски. Но, во преписите на житијата за Св.Климент пишувани од византиските охридски арихиепископи Теофилакт и Хоматијан стојат одредници бугарски, поради тоа што уште по падот на Самоиловото царство во 1018 година византискиот император Василиј Втори ја преименувал управната област на просторот на Македонија во катепанат или дукат Бугарија, а просторот на Бугарија бил преименуван во катепанат Парадунавон, различен од македонскиот, вели византологот и кирилометодиевистот од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, проф.д-р Илија Велев.
Comments are closed for this post.