Не може од една страна да сакаш да си во ЕУ и да го демократизираш општеството, а истовремено да го чествуваш еден од најмрачните диктатори-Тито. Ако продолжиме да ги затвораме очите пред фактот дека државата продолжува да се развива по начинот замислен од Тито и Сталин, и вршиме работа на Москва.
Оваа изјава на бугарската вицпремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, предизвика бура од реакции во јавноста.
Притоа, изостана директно изјаснување на премиерот Зоран Заев или на претседателот Стево Пендаровски околу улогата и значењето на Маршалот, но „честа ја спаси“ скопскиот градоначалник Петре Шилегов,
Меѓу актуелната политичка владејачка елита, која не се јави со свој став околу Тито, секако спаѓа и вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров. И неговиот молк може различно да се толкува, дотолку повеќе што исто така бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, му забележа дека му пренесувал поздрави од неговиот татко, професорот Димитар Димитров, кој, според Красимир, бил добар Бугарин.
И токму за ставот околу Тито на професорот Димитров, може да се прочита во книгата на професорот Јован Павловски насловена како „Време минато, време сегашно“ во текстот со наслов „Димитров пека за Сан Стефано“. Текстот, всушност, е одговор на Павловски на колумна на професорот Димитров, објавена во тогаш постоечкиот весник „Дневник“, а во време кога тој ја вршеше функцијата македонски амбасадор во Москва.
На страна преписката произлезена од насловот на колумната на проф.Димитров, проф. Павловски во текстот пренесува еден дел, кој содржи негови сознанија за настан од амбасадорувањето на таткото Димитров во Москва. А, во него стои:
„…Кога сум веќе кај новата функција на Д.Д., една негова дипломатска утка, која убедливо зборува дека за да бидеш амбасадор треба и нешто повеќе „штоф“, а не само строго партиско определување и блискост со антимакедонските погледи и гледишта на оние што ја предлагаат и ја усвојуваат листата на идните дипломатски претставници на Република Македонија: пред два месеца во Москва престојуваше и делегација на Мешовитиот трговски македонско-руски комитет. По завршените разговори, како што е редот, следувала и пријателска вечера. Со здравици. Зборувал рускиот претседател на Комитетот, потоа нашиот, Зоран Крстевски. По нивните здравици биле подигани чашите со шампанско. Дошол редот и на амбасадорот Д.Д. да каже нешто. Зборувал што зборувал и откачил нешто како сега односите меѓу Русија и Македонија ќе бидат поблиски или така некако, зашто меѓу двете земји не постојат такви диктатори како Сталин и Тито. Меѓу присутните-молк! Амбасадорот не го зел предвид фактот дека Сталин, се уште, за Русите е победник над Хитлер и дека Тито е херој на Советскиот Сојуз, значи и на Русија. На крајот од амбасадоровата здравица, на подигнатата чаша од негова страна никој од домакините не одговорил со кревање на своите пехари!. Првокласен дипломатски гаф, кој, најверојатно, и не е регистриран во нашето Министерство за надворешни работи…)“.
Ете така пишувал проф. Павловски.
Но, од оваа временска дистанца останува отворено прашањето дали “добриот Бугарин“, или проф.Димитар Димитров, како што го именува бугарскиот министер Каракачанов, има поинаков став од неговиот син Никола Димитров, околу дефинирањето на Маршалот Тито? До сега видовме дека Никола Димитров беше прозван и од европратеникот Андреј Ковачев, кој го потсети на тоа што за (не)постоењето на Македонците пишувал проф. Димитров. Значи, прашањата кои очекуваат одговори од вицепремиерот Димитров, а му ги поставува бугарската страна, само се зголемуваат.
Comments are closed for this post.