Дали уште и пред да се формира, самото собраниското работно тело и неговата евентуална идна работа се претвора во чиста фарса? Оваа дилема се отвора како по вчерашната изјава на претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери, така и по терминологијата што се употребува, но и според тоа од каде треба да произлезе иницијативата за формирање на телото.
Спикерот Џафери, кој присуствуваше на промоцијата на студијата за регулативата за употребата на јазиците во Македонија, во изјава за медиумите истакна дека очекува самите иницијатори за формирање на работното тело или октетот опозициски пратеници, кои гласаа за уставните измени, конкретно да ја објаснат идејата на посебна средба, што тие самите би ја иницирале.
-Идејата за формирање на телото е во контекст на подготвеноста на мнозинството во Собранието да се има општо помирување во односите помеѓу политичките партии застапени во парламентот и пошироко и таа произлегува од самите пратеници. Иницијаторите досега не се обратиле до мене да се изјаснат во однос на основната идеја и замислата. Нивна беше волјата јас да го водам тоа тело, изјави тој.
За потсетување, четвртото барање на осуммината опозициски пратеници кои гласаа за уставните промени гласи:„Прифаќање на иницијативата на премиерот Заев искажана на 31-та седница на Собранието на 15 октомври за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година во Собранието и сеопфатно национално помирување со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието, кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување во рок од 30 дена“.
Старо правило е дека ако сакаш нешто да забошотиш, тогаш формирај комисија. Осуммината опозициски пратеници до утре, петок, треба да се изјаснат дали ќе формираат посебна пратеничка група или ќе делуваат како независни. Засега е извесно дека неколкумина од нив не се согласуваат со идејата за посебна група. А, очигледно е дека и топката околу иницијативата се префрла од еден на друг.
Нејасна е и линијата на простување и помирување. Додека Џафери говори за општо помирување во односите помеѓу политичките партии застапени во парламентот и пошироко, осуммината пратеници се користат со терминот сеопфатно национално помирување.
Оваа разлика се согледува во објаснувањето на Џафери околу најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека не сакаат да учествуваат во работата на фингирани работни тела, истакнувајќи дека таа е „јасна определба дека тие не се заинтересирани за општо помирување меѓу пратениците, што би се рефлектирало меѓу граѓаните, како поддржувачи на политичките партии“.
Comments are closed for this post.