Во Општина Аеродром се уште се во тек разговори за изградбата на зградата кај „Мајчин дом” за да се најде решение, како што велат од општината, во интерес на граѓаните. Обесштетувањето на инвеститорот, како што наведуваат, е неразумно бидејќи ќе предизвика крах на општинскиот буџет, а за давањето заменска парцела Општината е доведена во незавидна позиција бидејќи со донесениот ДУП во Аеродром нема друга соодветна парцела.
Разговорите во однос на изградбата на објектот кај „Мајчин дом” се сѐ уште во тек. Се прави сѐ да се најде решение во интерес на граѓаните. Општината и градоначалникот Златко Марин остануваат на ставот дека тука не треба да се гради. Во изминатите две недели заедно со другите институции и Град Скопје се разгледуваат сите можни опции – вели градоначалникот Златко Марин, во соопштението по остварената средба со инвеститорот и со граѓаните.
Во соопштението од општината се појаснува дека прво била барана друга парцела, односно заменска парцела, каде што инвеститорот би можел да гради. За такво нешто се разгледани сите можностите во општината, односно парцели во помалку урбанизираните делови од Аеродром, а во соработка со Град Скопје и Министерство за транспорт побарано е решение и надвор од територијата на Аеродром.
Во однос на втората можност е да се направи обесштетување, од општината наведуваат, дека се прават процени и во општината и кај самиот инвеститор.
Од досегашните анализи, сумите се огромни. Само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5,5 милиони евра. Дополнително, инвеститорот ќе бара оштета за досегашни инвестиции, за одржување и кредити кои според информациите кои тој ги пласира во јавноста се многу високи. Доколку се оди во насока на обештетување, инвеститорот би можел да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. Ова би значел комплетен крах на буџетот на општина Аеродром и огромни штети за граѓаните на нашата општина. Ваквото решение би бил многу неразумно бидејќи ќе се доведе во прашање реалзицијата на сите проекти, но и тековното работење, истакнуваат од Општина Аеродром.
Во меѓувреме, Општина Аеродром, како што наведуваат општинските власти, е во исчекување на одлуката од Уставен суд, каде се поднесени 13 претставки за ДУП И10, што ја опфаќа парцелата кај „Мајчин дом”.
Comments are closed for this post.