Со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот привремено ќе се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Властите ги согледале ниските нивоа на природните езера и вештачките акумулации и зафаќањето вода од нив за производство на електрична енергија.
Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020г. е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минумум на котите, неопходен за живиот свет.
Од тие причини, на состанокот е заклучено дека со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот согласно обврските од Водостопанските дозволи, потребно е привремено да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите“, информираат од МЖСПП.
Одлуката била донесена на онлајн дискусијата на која учествувале ресорниот министер Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски и премиерот Зоран Заев.
Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, било предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј. Сепак, според министерството, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за разладната кула.
Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите. Од наведените причини, на состанокот е заклучено АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги да набави електрична енергија преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд, до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес“, соопштија од МЖСПП.
Оттаму информираат дека во наредниот период, АД ЕСМ преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд ќе го развива купувањето и продавањето на електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, за како што велат, да се оствари поголем профит за компанијата и државата.
Comments are closed for this post.