Премиерот Зоран Заев денеска преку видеообраќање го честиташе Меѓународниот ден на ромскиот јазик, 5 ноември. Тој ги посочи како два клучни момента признавањето на важноста на ромскиот јазик и поддршката на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата заедница, како и издавањето 1.000 примероци на македонско – ромски речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демиртоа во 2019 и почетокот на 2020 година.
Славењето на толеранцијата и почитувањето и поттикнувањето на културната разноличност, за нас во Република Северна Македонија претставува признавање и почитување на разноличностите во нашата држава низ историјата до денес, и во иднина. Кога УНЕСКО го прогласи 5 ноември како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година, ни даде уште една причина повеќе да ги славиме и чуваме ромскиот јазик и култура, за да ја препознаеме важноста и еднаквоста на сите јазици. Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски процеси на миграции и широк спектар на влијанија. Признавањето на важноста на ромскиот јазик, во исто време, треба да биде дел од пошироките напори и акции за спречување на сите форми на дискриминација, како и за поддршка на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата заедница, наведе Заев во обраќањето.
Според него, во одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, сите застануваме со ромскиот народ и ја славиме културата на Ромите како дел од богатството на целото човештво.
Comments are closed for this post.