Во земјава има околу 28 илјади граѓани кои во домашните банки чуваат суми од над 30.000 евра. Ова го покажуваат податоците во последниот извештај на Фондот за осигурување на депозити, кој се однесува заклучно со првите шест месеци од оваа година. Треба да се напомене дека овој извештај е направен заклучно со јуни годинава, пред прогласувањето на стечај врз Еуростандард банка.
Што покажува полугодишниот Финансиски извештај на Фондот кој се однесува на првото полугодие од годинава?
Во нашите банки, тогаш 15 на број, односно пред пропаста на Еуростандард банка, вкупните штедни влогови на населението изнесувале 4,72 милијарди евра.
Од нив, штедачите кои чувале во банките суми до 30.000 евра, имале вкупни депозити од 2,54 милијрди евра, и такви биле 2.769.058 штедачи. Со оглед што во земјава нема повеќе од два милиони граѓани, иако одамна не е направен попис, ова покажува дека многу од граѓаните имаат по повеќе штедни партии, најверојатно распоредени по различни банки. Тоа е и оправдано, бидејќи така се прави дисперизија на ризик, со оглед што Фондот за осигурување на депозити согласно законите ги обештетува штедачите до максимум 30.000 евра.
Сепак, има и штедачи кои во нашите банки чуваат износи над 30.000 евра. Такви се помал број штедачи, или точно 28.486 штедачи. Но затоа вкупната сума пари што тие ја имаат во банките воопшто не е за потценување, и таа изнесува 2,18 милијарди евра. Ако овој износ се подели со бројот на овие штедачи, или 28.486, се доаѓа до податок дека нивните просечни заштеди во банките се нешто над 76 илјади евра. Но, тоа е само просек, при што некои штедачи имаат можеби по 35 илјади евра, а некои многу повисоки суми, па дури и до 500 и повеќе илјади евра.
Инаку, во овие 28.486 штедачи влегуваат и оние 780 штедачи од Еуростандард банка, чии влогови останаа заглавени во пропаднатата банка, а според нашите информации, нивната вкупна сума е 25 милиони евра. Тие добија назад само по 30 илјади евра од Фондот за депозити, а остатокот од парите го побаруваат од стечајната маса. Со оглед што таа не е доволна за да се покријат нивните депозити во целост, штедачите ги бараат парите од државата, односно од буџетски средства. Но, власта и премиерот Зоран Заев го отфрлија тоа барање, со образложение дека не е законско, а на тоа се спротивствауваат и меѓународните институции.
Comments are closed for this post.