Воведување можност заболените од ковид-19 да се лекуваат во приватните здравствени установи и нови казни за непочитување на мерките за ширење на заразата предвидува Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести за кој денеска ќе расправа Комисијата за здравство во Собранието. Иако состојбата со ковид-19 во земјата ескалира, овој предлог-закон повеќе седмици чека на пратениците да го изгласаат, главно поради опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде на повеќе начини го блокираа донесувањето на овој закон.
Во документот се вели дека лицата заболени од корона вирусот задолжително се лекуваат во јавни здравствени установи, но и дека по исклучок ќе може да се лекуваат и изолираат и во приватни болници.
Доколку во јавните здравствени установи се исполнети капацитетите за лекување на лицата заболени од корона вирусот, доколку кај лицата примени во приватната здравствена установа во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на корона вирусот во нивниот организам, како и во други случаи (недостиг на здравствени работници, здравствени соработници и други вработени лица во јавната здравствена установа и слично), по предходно дадена согласност од страна на Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија“, пишува во предлог-законот.
Со измените се предвидуваат и различни глоби за непочитување на мерките за ширење на заразата во зависност од големината на правниот субјект.
Глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 5.500 до 6.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од 17.500 до 18.000 евра во денарска противвредност за среден трговец, и глоба во износ од 25.000 до 30.000 евра во денарска противвредност за голем трговец ќе се изрече за прекршок на правно лице кое постапува спротивно на мерките согласно член 58 од овој закон“, пишува до предлог-законот.
Во него, се предвидува и глоба во износ од 750 евра во денарска противвредност за трговец поединец, како и глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност за физичкото лице кои што нема да ги почитуваат мерките.
Comments are closed for this post.