Поранешниот заменик-министер за образование од СДСМ, Петар Атанасов, во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ го објасни својот крик до власта „со кој памет преговарате за идентитетот на Делчев“.
-Социолошки гледано, на три столба се базира нашиот современ идентитет како држава и нација. Нашиот национален идентитет, нашата нација, се базира на митот за Илинден, каде што главен експонент е Гоце Делчев како мит, како личност што се борела за Македонија. Вториот столб се партизаните, Комунистичката партија, победата во Втората светска војна, на страна на победниците против фашизмот. И третиот столб е она што ние го нарекуваме народ, етнички идентитет, минато, она што го носите со себе како етнички белег, како фолклор. Тука има два круцијални момента кои нам ни даваат посебност во таа национална балканска агенда – македонскиот јазик, пред сè, и Црквата. Бугарската држава ги напаѓа сите овие три столба, рече Атанасов пред да премине на главниот камен на сопнување меѓу двата соседа во моментов.
Според него, најекстремен е нападот врз митот за Гоце Делчев.
-Што ако го прифатиме тоа што го бараат Бугарите дека тој е етнички Бугарин? Тие бараат ние да признаеме дека тој е нешто друго, а не она што ние го кажуваме сто години. Тогаш паѓа тезата за ВМРО, еден цел столб од нашиот идентитет се лизга како песок. Ако го изгубиме Гоце Делчев, ако го изгубиме авторското право на Илинденското востание, ние го губиме ВМРО. И со тоа се враќаме на тоа што сме имале пред сто години, дали сме имале македонска револуционерна организација. Тој напад од Бугарите воопшто не е наивен и тука треба мудро да се одигра“, порача авторот на твитот што одекна во јавноста: „И во политичка смисла, и како државен симбол Гоце Делчев по националност е Македонец. Со кој памет некој се обидува да преговара за неговиот етнички идентитет за кој во науката се знае дека има и објективни и субјективни елементи. Таа тема не смее да биде на дневен ред!, дециден е Атанасов.
Comments are closed for this post.