Македонските и бугарските историчари денеска по пауза од речиси една година повторно ќе се состанат за да го продолжат дијалогот, кој се води во рамки на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Ова ќе биде 10-та средба на мешовитата комисија, а на последните три не беше постигнат напредок.
Покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележување на историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани“, велат од македонскиот тим на Комисијата.
Бугарската страна на Комисијата, барем според најавите, во Скопје доаѓа охрабрена, самоуверена и со амбиции да се реши клучното прашање, за Гоце Делчев. Членот на Комисијата, Наум Кајчев, во изјава за бугарските медиуми вели дека клучот за договор не е во отстапките, туку во фактите и оти обрската на историчарите е да се надминат лажните митови.
Македонскиот државен врв во континутет потенцира дека јазикот и националната припадност, односно идентитетските прашања се нешто што не смее да се оспорува во 21. век, но сепак бугарската страна не попушта пред нејзините тези за потеклото на јазикот во соседната земја, но и за потеклото на нацијата, за која во појаснувачкиот меморандум меѓу другото се вели дека е Титова творба.
Премиерот Зоран Заев минатата недела излезе со изјава дека македонскиот народ можеби треба да се подготви дека во декември нема да се одржи првата Меѓувладина конференција со Европската Унија, поради неевропските барања, кои Бугарија ги поставува до нас, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак изјави дека на средбата со Захариева на Османи му бил даден предлог за постигнување нов договор, налик на Преспанскиот, кој ќе предвидува уставни измени и со кој ќе се дефинира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик од 1945 година па навака.
Шефот на дипломатијата вчера ги демантираше овие тези на Мицкоски, нагласуваќи дека нов договор нема и оти на средбата станало збор за зајакнување на меѓусебната комуникација на сите нивоа.
Реакции за последните случувања сигнуваат и од Софија и пошироко, а според бугарските аналитичари Бугарија ќе биде притисната да не го блокира евроинтегративниот процес на Северна Македонија, бидејќи за тоа најголема поддршка ќе даде официјален Берлин, поточно германската канцеларка Ангела Меркел.
По дводневната средба во Скопје, во петок предвидена е заедничка изјава од двајцата копретседатели, Ѓоргиев и Димитров. На досегашните девет средби Комисијата успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу Гоце Делчев.
Comments are closed for this post.