Би сакале да го поздравиме донесувањето на Извештајот од страна на Европската комисија, како и заложбата на новата комисија и комесарот Оливер Вархеј за пристапување на Република Македонија кон ЕУ и отпочнување на меѓувладината конференција и преговорите уште оваа 2020 година. И самото присуство на еврокомесарот на средбите денес е почит и поттик за Република Македонија, ова денеска преку прес-конференција го истакна Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во коментарот за Собранието, Извештајот ги нотира активностите на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, во поддршката за клучните реформски закони кои се од заеднички национален интерес, како што се реформите поврзани со ЕУ и процесот на интеграција во НАТО. Со ова јасно се дава до знаење дека опозицијата била и е секогаш во поддршка на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, преку вистински дела, а не преку празни флоскули. Но, извештајот јасно кажува дека Македонија има уште многу домашни задачи. За многу аспекти за кои ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека се антиевропски, ЕК забележува и во својот извештај. Прво ЕК се задржува на корупцијата. Во извештајот се забележува дека таа е распространета во многу области и треба да се обезбеди поактивен пристап од сите чинители кои се занимаваат со спречување и борба против корупцијата. Тука се надополнува и зајакнувањето на борбата против специфични форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Второ, за ЕК предизвикува загриженост и треба да се ограничи зголемувањето на употребата на брзи постапки при донесување законите во Собранието. Европското знаменце и брзите постапки беа злоупотребувани од мнозинството на власт во десетици наврати за носење закони за фабрики за марихуана, а и за правосудството, потенцира Андоновски.
Трето, се забележува дека Македонија е умерено подготвена со реформата на својата јавна администрација, како и дека судскиот систем има одредено ниво на подготовка односно е умерено подготвен. Од суштинско значење за ЕК е обезбедување почитување на принципите на транспарентност и заслуги. Тоа значи дека нема место за владиниот непотизам и превработување на послушници и партиски војници во општините во време на најголема светска криза. Четврто, за изборите за кои власта се фали дека биле најдобро организирани, за првпат имаме став дека класично била поткопана правната сигурност на овие избори. Имено, исто како и според ОБСЕ, Извештајот вели дека правната стабилност беше поткопана со значителни ревизии на правната рамка и владините уредби. А, за потсетување на јавноста, власта брутално направи промена на Изборниот законик, без знаење и согласност на опозицијата, пет минути пред отпочнување на предизборната кампања, со која власта си го зголеми за двојно рекламирањето пред опозицијата. И конечно, во делот на економијата, се нотира дека Македонија постигнала ограничен напредок за време на извештајниот период. И ова е најниската од оценките за напредок кои ги добиваме како држава. Извештајот вели дека спроведувањето на јавните капитални трошоци останува останува значително мало, а дека нема обезбедување ниту на стабилизација на јавниот долг. Поголемо внимание во овој дел треба да се посвети на драматичниот пад на СДИ и процесот на дезинвестирање кој се случува оваа година. Понатаму, опасноста што јавниот долг како критериум за пристапување кон ЕУ од Мастрихт надминува 60%, но и бројните незаконитости на постапките на јавни набавки поврзани со КОВИД кризата се огромен проблем, додава Андоновски.
Тој потенцира дека сепак, не можеме да не се осврнеме дека неколку клучни проблеми со кои се соочува македонското општество од мафијата на власт, а кои не се регистрирани во Извештајот:
-прогонот на десетици новинари кои размислуваат поинаку од власта и кои критички ја анализираат нејзината работа. Овие новинари секојдневно се заплашуваат со тужби, повикување во полиција и прогон кој е несвојствен за една европска држава.
-молкот на обвинителството за над 30 кривични пријави за поткуп на изборите. Да потсетиме, дека во дел од случаите имаме и признанија од страна на осомничените.
-молкот на полицијата и обвинителството за десетиците случаи на висока корупција од кои јавноста беше шокирана во изминатиот период како примери тука се случаите „Рекет 2“ со Ден Дончев и Дијамед, ситуацијата во МНАВ, скандалите со набавка на возила, невештачењето на докази и телефоните од случајот „Рекет“ и уште многу други.
Фрапантното зголемување на задолжувањето на над 60% од БДП, пари кои се трошеа за поткуп на гласачите пред изборите. Фактот дека расипнички се троши за непродуктивни расходи во време на криза оди директно во спротивност со критериумите од Мастрихт.
Сето ова ги направи изборите кои изминаа талибански организирани, а волјата на гласачите беше брутално злоупотребена. Од извештајот се забележува дека фокусот на ЕК во наредната година ќе биде на способноста за градење на административниот капацитет и ефективната имплементација на законите во пракса. Тоа е нашата првична домашна задача. Затоа, во периодот што следи како и до сега, ВМРО-ДПМНЕ будно ќе ја следи работата на Владата и ќе предупредува за бројните скандали кои веќе се во најава. Како ВМРО-ДПМНЕ остануваме посветени на евроатлантскиот пат на Македонија, најмногу при градење на заеднички консензус по националните прашања. За жал, Владата, како во минатото така и денес, ја исклучува опозицијата од сите позиции каде што е потребно национално единство, вели Андоновски.
Comments are closed for this post.