Европската комисија денеска ќе го објави годишниот извештај за Македонија.
Документот пред европратениците ќе го претстави Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој ќе го презентира Пакетот за проширување 2020 и Економско инвестицискиот план за Западен Балкан, соопшти Европскиот парламент.
Како и секоја година, веднаш по усвојувањето на годишниот Пакет за проширување во Европската комисија, надлежниот еврокомесар го претставува пред Надворешнополитичката комисија на ЕП, овој најважен документ за земјите во процес на пристапување.
Покрај согледувањето на ситуацијата во земјите кандидатки и потенцијалните кандидати од Пакетот за проширување, Вархеји ќе го претстави и планот кој треба да стимулира долгорочно закрепнување, да го поттикне економскиот раст и да поддржи реформи на Западен Балкан по кризата со коронавирусот – неведуваат од ЕП.
Пакетот вклучува Комуникација за проширување, која го трасира патот напред за земјите кои тежнеат кон членство во ЕУ, а содржи извештаи во кои Комисијата претставува детална проценка за напредокот на секој кандидат и потенцијален кандидат во исполнување на критериумите за членство.
Веќеутре, еврокомесарот за проширување доаѓа во земјава. Според информациите на „360 степени“, станува збор за неколкучасовен престој на Оливер Вархеји во Скопје.
Во текот на посетата предвидено е еврокомесарот да се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и со надлежните министри во Владата.
Во агендата на Вархеји, која сѐ уште не е финализирана, оставен е простор за негово обраќање во Собранието. Се очекува еврокомесарот да прати пораки на поддршка за сработеното, но и да укаже на тоа што треба да се преземе во идниот период.
Comments are closed for this post.