Младите фудбалерки од фудбалската школа ФК Кул од Скопје имаа несекојдневна можност да поразговараат и да добијат совет од селекторот на Светскиот шампион во женска конкуренција, Македонецот Влатко Андоновски.
За време на дружењето во Градскиот парк во Скопје, Андоновски се запозна со талентираните девојки и им ги презентираше искуствата од досегашната работа со селекцијата на САД.
Во оваа пригода, Андоновски на девојчињата им подели совети за тоа како се развиваат и напредуваат фудбалерките во САД, кои долги години доминираат во светот на женскиот фудбал.
Таквите совети ќе бидат голем поттик за девојките од ФК Кул кои, пак, во иднина посакуваат да бидат дел од репрезентацијата на Македонија, нешто за што селекторот им посака успех во понатамошната спортска кариера.
Од Работнички и Вардар до шампион во САД
Влатко Андоновски е поранешен дефанзивен фудбалер на Работнички, Македонија ЃП и Вардар, по што се сели во САД, каде што настапува во неколку клубови во мал фудбал.
Во 2010 година преминува во тренерските води. Прво како асистент и тренер во мал фудбал, а од 2013 година преминува во женскиот фудбал.
По шест години работа во ФК Канзас сити и ФК Рејн, Андоновски се докажува во струката и во 2019 година добива шанса да го преземе кормилото на актуелниот женски светски шампион, репрезентацијата на САД.
Со Американките, Андонвски годинава стана шампион на „Ши Биливс“ (SheBelieves) Купот на кој учествуваа и селекциите на Шпанија, Англија и Јапонија.
Посветени на младоста и развојот
Фудбалскиот клуб Кул постои 12 години, основан е на 28 Септември 2007 година. Во својата работа е посветен на младите категории на деца.
Од основањето на клубот до денес бројот на членови постојано се зголемува, а во моментов во него има околу 350 момчиња и девојчиња, има 12 тренери, 1 медицинско лице и 2 технички лица.
Comments are closed for this post.