Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) соопшти дека денеска официјално ја започнува Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) за предвремените парламентарни избори на 15 јули 2020 година во Северна Македонија.
ОДИХР информира дека распоредувањето на мисијата следува по официјална покана од властите на Северна Македонија. Со Мисијата ќе раководи Лаима Андрикиене од Литванија и таа се состои од главен тим од осум интернационални експерти со седиште во Скопје.
– СМПИ на ОДИХР ќе продолжи со набљудувањето на изборниот процес што започна со Мисијата за набљудување на изборите (МНИ) на тогаш закажаните предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година, кои беа прекинати поради пандемијата со COVID-19. Мисијата ќе ги процени изборите за нивната усогласеност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство, се наведува во соопштението на ОДИХР.
Канцеларијата информира дека набљудувачите ќе ги следат фундаменталните аспекти на изборите, како што се регистрација на гласачите, регистрација на кандидатите, активности во кампањата и медиумско покривање на кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, спроведување на правната рамка и решавање на изборните спорови.
– СМПИ на ОДИХР исто така ќе спроведе квалитативно и квантитативно мониторирање на медиумското покривање на изборната кампања. Мисијата ќе оствари состаноци со претставници на релевантните власти и политички партии, граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница. При спроведувањето на своите активности, СМПИ на ОДИХР ќе соработува тесно со здравствените власти на Северна Македонија и ќе ги следи здравствените протоколи коишто ги имаат воспоставено, се наведува во соопштението.
Канцеларијата информира дека СМПИ на ОДИХР нема да спроведе систематско или сеопфатно набљудување на постапките за гласање, броење и сумирање на гласовите на денот на изборите, во согласност со методологијата на ОДИХР за мисиите за проценка на изборите, меѓутоа членовите на мисијата ќе посетат ограничен број на избирачки места на денот на изборите
– Ден по изборите, ОДИХР ќе ги објави своите прелиминарни заклучоци за изборниот процес и ќе разговара за своите наоди на прес-конференција. Конечниот извештај со проценка на целиот изборен процес, кој содржи препораки, ќе биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборниот процес, се додава во соопштението на Канцеларијата на ОДИХР.
Comments are closed for this post.