Грција е една од омилените туристички дестинации на македонските туристи. Своите туристички објекти таа планира да ги отвори во периодот од 15 јуни до 1 јули и така да започне со мало задоцнување годинашнава сезона. Таа планира да им даде влез во државата на туристи само од одредени земји, главно од Балканот, додека за западноевропските земји каде што вирусот зеде најголем замав, најверојатно ќе стави црвено светло. Со тоа Грција планира да има туристичка сезона и таа годинава да трае подолго.
Од 4 мај, постепено, Грција се враќа во нормала – изјави државниот министер на Грција Јоргос Герапетритис. Тој во интервјуто за грчката телевизија “Скај” изјави дека секоја седмица ќе имаат по едно отворање.-Ќе ги имаме трговските продавници, училиштата, кон средината на јуни отвараме врата за туристите, но внимателно. Ќе дозволиме влез на турсити од региони кои имаат стабилни бројки во борбата со пандемијата. Нашата цел е туризмот да се активира, под услов да се заштити јавното здравје и да се прават неопходните контроли за да можеме да го грантираме нивото што го имаме денес. Сакам да потенцирам дека благодарение на направените напори, нашите туристички дестинации останаа незаразени, немаме многу големо ширење на вирусот на нашите туристички дестинации и ова ни создава надеж, но и многу голема одговорност да го задржиме ова ниво – рече државниот министер на Грција за ТВ „Скај” .
Дека туризмот во Грција наскоро се враќа во живот, потврди и портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.
Полека, до крајот на мај, средината на јуни во голема мерка ќе се вратиме во нормала. Најголемиот проблем и најголемата наша грижа во однос на економската активност е туризмот – рече портпаролот на грчката Влада.
Отворање на границите за туристи најави и грчкиот министер за туризам Харис Теохарис. Тој во интервју за „Би-Би-Си“ вели дека земјата прави напори да ги отвори границите но дека истите нема да бидат отворени за сите и рече дека за почеток би било добро да се воспостави билатерална комуникација и патување за само некои земји. Земјите од Балканот се споменати во оваа изјава.
Теохарис објасни дека за отворањето на границите, постои дискусија со здравствените експерти, кои ќе го имаат последниот збор.
Сега сме во процес на разработка на протоколите кои ќе бидат доставени до експертскиот комитет и се надеваме дека ќе ни дадат одобрение постепено да отвораме – рече грчкиот министер.
Македонските туристички агенции најавија официјален почеток со работа на 4 мај и враќање кон нормалните работни обврски кои ќе значат подготвување за годинашната сезона. Нивните очекувања се дека оваа година ќе имаме продолжена сезона. Она што е добра вест е што ситуацијата со пандемијата не делуваше врз зголемување на цените на понудите, тие практично остануваат исти, а напоменуваат дека сите резервации “first minute“ по најниски цени, кои беа направени пред кризата со пандемијата, важат преку новоиздадени ваучери кои клиентите ќе можат да ги искористат до крај на 2021 година.
Comments are closed for this post.