Европската Унија одобрила отворање преговори со Македонија и Албанија, но датумот за тоа се уште не е утврден. Комесарот за проширување, унгарскиот член на Комисијата Оливер Вархеји изјави дека се надева тоа да се случи што е можно поскоро.

Ние од наша страна, како Комисија, ќе ја забрзаме нашата работа и многу скоро ќе ја претставиме преговарачката рамка, за реалните преговори да можат да почнат многу скоро, за двете земји, изјави Вархеји.

Еден конкретен датум кој беше наведен во прес конференцијата е јуни, кога ќе бидат подготвени редовните пакети за проширување на Европската Комисија.

Хрватската државна секретарка во Министерството за надворешни работи Андрејка Метелко – Згомбиќ, коај заедно со Вархеји ја претстави одлуката, исто така рече дека првин Европскиот Совет мора да ја потврди одлуката донесена денес преку видео врска, а потоа треба да се подготви рамката за преговори, за која се надева дека ќе биде готова навистина бргу. Рамката за преговори повторно ќе мора да биде одобрена од Европскиот Совет што значи уште самити пред да почнат преговорите.

Според Вархеји и Метелко, преговорите може да почнат одделно за Македонија и за Албанија, зависно од подготовката и усвојувањето на рамката, за која двајцата потсетија дека повторно може да се вметнат нови услови. Метелко рече дека овие идни услови нема да бидат со цел да се постават пречки на патот но ќе мора да се „обезбеди напредок во прашањето на владеењето на правото“, а Вархеји додаде дека пристапот ќе биде „строг но правичен“.

На прашање на телевизија Сител колку долго би траеле преоговори, имајќи предвид дека македонското законодавство е 50 проценти веќе усогласено со тоа на Унијата, Вархеји рече дека, дури и да е така, земја не може да стане членка на ЕУ со половина од завршената работа.

50 проценти не е доволно за членство, ако тоа е вистинска бројка што ја наведувате, а јас не сум сигурен дека е. Со новата методологија ние имаме можност земјите да напредуваат бргу, но тоа значи дека реформите од ваша страна навистина мора да бидат многу брзи. Не е доволно да се донесат само законите, мора да се донесат резултати кои се очекуваат од земја – членка на ЕУ, одговори Вархеји.