Дополнителниот заменик министер во МЗШВ Цветан Трипуновски на денешната прес-конференција обвини дека нема населено место во земјава каде функционерите на СДСМ не ја злоупотребуваат својата положба и не овозможиле противправна имотна корист за себе и за свои блиски лица.
– Мајката на градоначалникот на Конче Благој Илиев, Сузанка Илиева која има земено под закуп земјоделско земјиште со вкупна површина од 37,9 хектари земала субвенции во два наврата во вкупен износ од 403.845 денари без притоа да има платено за закупнината. Според извештајот што го имам пред мене, од 26 август 2019 година доставен од Подрачната единица Радовиш лицето Сузанка Илиева е евидентирана како должник за 2017 и 2018 година. За 2017 година закупот е платен 14 месеци откако на истата и се исплатени субвенции, а за 2018 година закупот е исплатен повеќе од три и пол месеци по достава. Кој и исплатил на Сузанка Илиева, мајка на градоначалникот на Конче субвенции без да ги има подмирено обврските за закупните од МЗШВ, изјави Трипуновски.
Ова е жално, посочи тој, додека земјоделците мака мачат да одвојат пари за да ги подмират своите обврски кон државата, роднини на функционерите биле толерирани. Тој додаде дека доколку некој земјоделец доцни со плаќање на закупнината, тој не може да земе субвенции се додека не го подмири долгот кон државата, но не, како што рече, и мајката на градоначалникот на Конче.
– Љупчо Николовски и Трајан Димковски го прекршиле Законот и овозможиле на мајката на градоначалникот на Конче да и бидат исплатени субвенции иако таа не ја платила закупнината за земјиштето што го обработува. Согласно член 19 став 1 од Законот за земјоделско земјиште земјоделецот е должен да ја плати закупнината најдоцна до 31 јули во тековната за претходната година. Министерството е должно за сите корисници на финансиски средства да достави до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој податоци за ненамирени финансиски обврски, по што Агенцијата не врши исплата за истите. Николовски и Димковски го прекршиле и Законот и Уредбата каде е дефинирано на кои лица и под кои услови ќе им бидат исплатени финансиски средства и во кои рокови. Николовски и Димковски мора да одговараат за овие и слични незаконитости, истакна Трипуновски.
Дополнителниот заменик министер Трипуновски ги повика Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција да го испитаат овој случај и сите останати злоупотреби во Министерството и истакна дека некој мора да понесе одговорност за овој случај и за сите останати.
Comments are closed for this post.